Ќе се зголемат ли каматите на денарски заштеди?

Советот на НБ донесе одлука за намалување на стапката за задолжителна резерва од денарските обврски од 8 отсто на 6,5 отсто, со едновремено зголемување на стапката на задолжителна резерва од обврските во странска валута од 15 отсто на 16,5 отсто


Каматите на денарските заштеди, но и кредитирањето во денари би можеле да се зголемат во наредниот период, доколку банките во земјава ги следат мерките на Народната банка на Северна Македонија, која со одлука на Советот на НБ донесе неколку измени кај инструментот на монетарната политика. Со одлуката се предвидува намалување на стапката за задолжителна резерва од денарските обврски од 8 отсто на 6,5 отсто, со едновремено зголемување на стапката на задолжителна резерва од обврските во странска валута од 15 отсто на 16,5 отсто. На овој начин, како што се вели во соопштението на НБ, се настојува да се влијае на валутната структура на депозитите во банкарскиот систем. 

„Преку овие промени се зголемува просторот за промени во каматната политика на банки во полза на штедењето во домашна валута. Во таа насока, се очекува банките да направат прилагодување на каматните политики во корист на денарски депозитни производи, што ќе ги зголеми приносите на денарското штедење“, соопшти Народната банка.

Од таму појаснуваат дека оваа измена кај инструментот задолжителна резерва, која ќе се применува од јуни годинава, е во линија со Стратегијата за поддршка на денаризација на домашната економија.

Во изминатиот период, поради зголемената инфлација, но и украинската криза, се чувствуваше одредена нервоза кај штедачите, особено кај оние кои заштедите ги имаат во денари. Некои од нив ги претворија заштедите во евра, иако податоците на НБ покажуваат дека станува збор за сосема незначителна бројка во однос на вкупните денарски заштеди во денари кои на крајот на февруари изнесуваа во противредност на над 2,4 милијарди евра. Банкарите велат дека со мерката НБ сака да го зајакне трендот на денаризација на домашната економија, односно на депозитите, кој беше присутен во земјава изминатите години.

Народната банка, во основа има и друг инструмент со кој може да влијае на активностите на банките, а тоа е основната каматна стапка. Но, како што објаснуваат економистите, со промена на оваа каматна стапка, односно нејзиното зголемување, може да дојде до забавување на економскиот раст, што во оваа фаза е непожелно. Тие велат дека тоа е и главната причина зошто НБ засега не ја применува оваа монетарна мерка. Минатиот месец Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одлучи основната каматна стапка да остане иста, на нивото од 1,25 отсто и да се понуди непроменет износ на благајнички записи од 10 милијарди денари.

На истата седница бепше заклучено дека случувањата во Украина значително го менуваат глобалниот економски контекст и делуваат врз домашната економија, како врз инфлацијата, така и врз економскиот раст.

Сепак, како што објаснуваат економистите, од направените анализи за факторите кои придонесувата за пораст на инфлацијата, дури и онаа базичната, произлегло дека врз неа не влијааат домашни фактори, односно се должи на пренесени ефекти, па затоа се смета дека зголемувањето на основната каматна стапка би било непродуктивно во овој момент. Од НБ тогаш соопштија дека тековната монетарна поставеност го поддржува кредитирањето на компаниите и граѓаните, односно обезбедува поддршка за натамошно закрепнување на економијата.

Инаку, како што се вели во соопштението од вчерашната седница на Советот на НБ, донесени се измени и дополнувања на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик со кои се даваат јасни насоки за постапување од страна на банките при продажбата на достасаните, нефункционалните или отпишаните побарувања од договор за кредит.

„Овие насоки треба да овозможат унифициран пристап и натамошен развој на пазарот на продажба на кредитните изложености, вклучително и на нефункционалните кредитни изложености, што е една и од мерките предвидени со Стратегија за поттикнување на справувањето и подобрувањето на управувањето со нефункционалните кредити. Покрај тоа, се овозможува и постепено усогласување со соодветните барања и практики присутни во Европската Унија“, се вели во соопштението до медиумите.

Исто така било констатирано дека врз основа на податоците од последниот квартал од 2021 година нема потреба од воведување на мерки за ограничување на кредитната активност. (M.J.)