Ќе се затвори модуларната болница во Гостивар


Фото: Б. Грданоски
 

Модуларната болница во Гостивар до крајот на неделава ќе се затвори поради намалениот број на заболени, но и да се отстапи место за истражителите кои најавиле дека ќе вршат безбедносни проверки. По трагедијата во тетово во болницата  секојдневно се прават безбедносни проверки, како на електриката така и на сите инсталации во неа.

На инфективното одделение во Гостивар има помалку хоспитализирани пациенти и амбулантски прегледи.

„На инфективното одделение сабајлево имаше 18 пациенти, од кои четири се испишани, значи 14 пациенти, од кои седум се на кислородна поддршка. Двајца се во потешка општа состојба. Во модуларната болница имаме само тројца пациенти, не се на кислородна поддршка и рачунаме до петок да се пуштат и модуларната болница привремено да се затвори“, изјавил за Алсат  Ратко Наумовски од Инфективното одделение во болницата во Гостивар.

И додека едни се затвораат, планираните модуларни болници чии градби се во тек, од Министерството за здравство велат дека се одвиваат со планираната динамика. Во тек е велат оттаму – стручна консултација за градежните работи.

Паралелно, се пролонгира предистрагата на Обвинителството за гонење на ораганизиран криминал и корупција за изградбата на сите 19 модуларни болници. Шефицата на ова обвинителство, Вилма Русковска сè уште нема добиено ниту еден документ од Бирото за јавни набавки и од Министерството за труд и социјална политика, иако досега требаше да ги анализираат. Тие документи треба да покажат дали имало неправилности при изборот на фирмата која ги градеше, како и кој дозволил модуларните болници да почнат да работат и во нив да се хоспитализираат пациенти.