Ќе се стави ли крај на претседателското елдорадо?
Улогата на бившите шефови на државата во политиката може да биде додадена вредност, но и сосема безначајна, ама ретко каде како кај нас тие доживотно се згрижени со параграфите на законот. Односот кон нив е деликатен за повеќето земји, а нивните привилегии во време на криза може да бидат тежок товар за сиромашни земји како Македонија.
За двајцата поранешни претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов годишно се издвојуваат буџетски средства од околу 300.000 евра. Средствата се користат практично бадијала со оглед на отсуството на некои битни ангажмани на домашен и надворешен план кои би донеле некаков бенефит за државата. Нивните канцеларии само декларативно се отворени за граѓаните и медиумите и ретко чија нога таму стапнува. Тешко се добиваат и основните информации од нивните „пензионерски кабинети“. Дел од нивните соработници вчера не одговараа на телефонските повици за да кажат што експретседателите мислат за сопствените привилегии и сè погласните барања за нивно укинување и што тоа тие сработеа во изминатиот период за што се платени од џебот на граѓаните.
Проблемот лебди со години, но досега никој не мрднуваше со прст нешто да се промени. По критиките од медиумите и научната мисла, Антикорупциската комисија најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на Законот за правата на претседателот и неговото семејство. Предлага да се поднесе иницијатива до Собранието за преиспитување на законското решение, во смисла на ограничување на времетраењето на привилегиите на поранешните претседатели како што е доживотна пензија во висина на платата. Антикорупционерите утврдиле дека практиката за канцеларии, кабинет и службено возило постои само во Македонија. Врз основа на ова, досега државата потрошила 1,1 милион евра за кирија, сметки и плати на членовите на кабинетот на двајцата поранешни претседатели.
„За нив не важат условите за пензионирање предвидени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Сосема е јасно дека со одредбите од Законот повредено е уставното начело за еднаквоста на граѓаните. Доживотните привилегии за функционерите се противуставни и го прекршуваат владеењето на правото“, смета Трендафил Ивановски, поранешен уставен судија.
Според него, не се оспорува моментот да им биде обезбедена заштита (материјална и физичка) на носителите на јавни функции по завршувањето на нивниот мандат, за да не бидат предмет на атака поради нивното дејствување за време на мандатот, но тоа не треба да биде на штета на општеството, односно да не отстапува од принципот на еднаквост пред Уставот и законите.
„Доколку уставниот суд оцени дека законот е неуставен, тогаш може да го укине законот или спорните одредби во него кои понатаму не би се применувале што е поверојатно сценарио, но и да го поништи со што би значело враќање на сите дејствија како законот воопшто и да не постоел. Потоа Собранието може да расправа за донесување ново законско решение. Доколку има таква намера, не ни мора да чека на одлуката на Уставниот суд“, вели Ивановски.
Претседателот на Републиката има привилегии непознати за мала и сиромашна држава, категоричен е професорот Светомир Шкариќ. Македонија, според него, од една страна, претставува „златна земја“ за поранешните претседатели и нивните семејства, а од друга, граѓаните се дават во екстремна сиромаштија.
„Законот за правата на претседателот и неговото семејство треба да се стави надвор од сила, да се исклучи од правниот поредок, заедно со неговите последици. Тоа треба да го направи Собранието со закон, со кој треба да се ограничи и времетраењето на привилегиите на сегашните бивши претседатели. Ако Собранието не го направи тоа, тогаш Уставниот суд треба да го поништи законот бидејќи станува збор за неуставен и штетен закон. Законот е на страната на клиентелизмот, корупцијата и животот без супстанција. Кон него треба да се постапи на ист начин како што се постапи со Законот за лустрација“, предложи професорот Шкариќ во една неодамнешна своја анализа.
Земјите несомнено се грижат за дигнитетот на своите бивши претседатели на кои, покрај сигурност, им се овозможува да дејствуваат и по мандатот, но никако на ист начин. Државите притоа водат сметка и за своите можности. Доказ за тоа се и земјите од нашето најблиско опкружување со кои некогаш ја сочинувавме СФРЈ. Таму речиси и да нема доживотни бенефиции и државниот подарок е ограничен.
Хрватска – Бенефициите ограничени на пет години
Во 2016 година хрватскиот Сабор на предлог на владата, поточно на иницијатива на Мост, која тогаш беше во коалиција со владејачката ХДЗ, му го укина правото на канцеларии на бившиот претседател Стипе Месиќ кој шефуваше со државата два мандата до 2010. Проценките беа дека со тоа ќе се заштедат 80.000 евра. Според законот од 2004 година, бившите хрватски претседатели имаа доживотно право на канцеларии, двајца вработени, службено возило со возач и обезбедување. Со измените, тие права бившиот шеф на државата може да ги има пет години по престанување на мандатот. Месиќ крена голема врева во јавноста, па дури и се закани со тужба до Судот за човекови права во Стразбур откако Уставниот суд се оглуши на приговорот поради ретроактивната примена на законот.
Од 2012 година, пак, претседателот во Хрватска не е единствениот кој има право на повластена пензија. Таа веќе не е 90 отсто од неговата плата, туку е ограничена со општиот пензиски закон кој вели дека максималната пензија што некој во Хрватска може да ја добие по 40 години стаж, без оглед на уплатата на придонесите, е околу 1.200 евра. Месиќ продолжи да зема над 2.000 евра плата, како и вдовицата на Фрањо Туѓман, Анкица, бидејќи законот не беше применет ретроактивно. Поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ, пак, бараше да му се одобри да користи апанажа само 6 месеци додека не ги среди формалностите за враќање на поранешната професорска должност.
И во богатата Словенија правата на бившите претседатели беа ограничи на пет години, па слична судбина како Месиќ го снајде и Милан Кучан.
Србија – Кабинет колку што траел мандатот
Поранешните претседатели во Србија, пак, шест месеци по завршувањето на мандатот може да примаат полна претседателска плата, а тој период може да се продолжи на една година. Доколку не најдат работа, до пензија ќе добиваат 80 отсто од платата. Ако најдат работа, а платата му биде помала од 80 отсто од претседателската, државата го надоместува тој износ. Истото важи и за пензијата. Претседателите, исто така, имаат право на канцеларија, советник, секретар, но онолку колку што им траел мандатот. Може да ги обезбедува полиција една година по престанок на мандатот, а тоа може да се продолжи доколку постојат оправдани причини.
Сепак, во оваа земја не секогаш претседателите по заминувањето ги добиваат бенефициите кои им се загарантирани со закон. Србија денеска има четири живи бивши претседатели – Милан Милутиновиќ, Зоран Лилиќ, Воислав Коштуница и Борис Тадиќ. Тадиќ, на пример, кој беше на чело на државата од 2004 до 2012 година, од привилегиите бараше канцеларија, која не му беше доделена. Од сите останати привилегии, вклучувајќи ги и паричните, се откажа. Тоа го направи и Воислав Коштуница.
И во поразвиените земји може да се воочи разлика во третманот на своите експретседатели. Во Чешка, да речеме, легендарниот и харизматичен Вацлав Хавел имаше право на државна заштита и автомобил, но само во ограничен период, а не доживотно, како што не доби ниту доживотна повластена пензија. До неговата смрт во 2011 година тој земаше плата од 500 евра. Во Полска, пак, експретседателите имаат право на половина претседателска плата, со релативно скромни средства за работната канцеларија. Германија своите бивши претседатели доживотно ги дарува со 60 отсто од претседателската плата, со доживотен кабинет и возач.
Во САД, каде што има претседателски систем, не се штеди. Бившите претседатели добиваат пензија близу 200.000 долари годишно. Покрај тоа, до крајот на животот имаат платено здравствено осигурување, специјално обезбедување, канцелариски простор, службеници, бесплатно патуваат со кое било превозно средство… Традиција е секој да има и музеј и библиотека. Бенефициите ги добија со законот од 1958 година, откако јавно стана познато дека Хари Труман замина во пензија со празни џебови. Дополнително, тие сега заработуваат милионски суми од говори и автобиографии. (Н.К.)