Ќе се пополнува ли дупката во Буџетот со поголеми акцизи за нафтени деривати


Со зголемување на акцизите за нафтените деривати и со изедначување на акцизата за екстра лесното гориво со акцизата за дизел горивото, годишно би можеле да се приберат 46,2 милиони евра, пресмета Стопанската комора на Македонија. Од Комората вчера излегоа со анализа во која предлагаат постојната акциза за безоловен бензин да се зголеми за два денари на износ од 23,692 денари, акцизата за гасно масло кое се користи како погонско гориво (евродизел гориво) да се зголеми за два денара на износ од 17,121 денари, додека акцизата за гасното масло што се користи како гориво за греење (екстралесно гориво) да се изедначи со акцизата за дизел горивото, односно да изнесува 17,121 денари.

„Со предложените мерки, во просек во државниот буџет, по основ на акцизи и ДДВ од продажбата на нафтените деривати, на месечно ниво би се прибрале средства поголеми за 3,8 милиони евра, односно 46,2 милиони евра на годишно ниво“, се вели во анализата.

Кај учесниците на пазарот на нафтени деривати оваа иницијатива наиде на поддршка. Во изјави за медиумите од „Макпетрол“ соопштија дека тие и до сега повеќе пати укажувале за злоупотребите со екстралесното гориво. Тоа се должи на акцизата за овој енергенс што е за 9 денари пониска од акцизата за дизелот, па екстралесното гориво често се користи како погонско гориво што е спротивно на законските прописи.

Од „Макпетрол“ исто така немаат ништо против зголемување на акцизата за нафтените деривати, што го објаснуваат со постојните ниски цени на дериватите, но и споредено со регионот и со земјите од ЕУ, акцизата на дериватите е најниска во Македонија. Освен тоа, поради кризата, продажбата на нафтени деривати е знаачајно намалена поради што ќе има и помали приходи во Буџетот по оваа основа.

Од Регулаторната комисија за енергетика изјавија дека зголемувањето на акцизите не е во нивна надлежност, туку за таков предлог треба да се изјасни Министерството за финансии. Што се однесува до предлогот за изедначувањето на акцизата на екстралесното гориво со дизелот, од РКЕ велат дека го поддржуваат, пред се поради тоа што има голем број на злоупотреби односно ова гориво понекогаш се користи како дизел гориво. Со тоа се намалуваат приходите во Буџетот и се оштетуваат сите граѓани, но треба да се има во предвид и еколошкиот аспект, односно екстралесното гориво е со многу полош квалитет во однос на дизелот.

Од Стопанската комора исто така предложија, паралелно со зголемување на акцизите да биде изменет и Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, кој го усвојува Регулаторната комисија за енергетика, на начин што износот на трговската маржа, наместо постојниот износ од 5,600 денари, се предлага да биде утврден во износ од 5,388 до 5,812 денари.

„На тој начин би се заокружил механизмот за формирање на малопродажните цени, а истовремено би се поедноставило постапувањето на сите учесници во процесот на формирање цена на дериватите, процедура која се спроведува на неделно ниво“, велат од Комората.

Во минатото секое зголемување на цената на давачките особено кај нафтените деривати, не наидуваше на одобрување кај бизнис секторот, имајќи во предвид дека цената на горивата значајно влијае на нивните трошоци, особено во некои сектори, како што е транспортот на пример. Но, во услови кога цените на дериватите се исклучително ниски и кога потрошувачката поради корона кризата и мерките за заштита е значајно намалена, овој предлог очигледно добива друга димензија.

Министерството за финансии неодамна излезе со три сценарија на намалување на приходите во Буџетот. Како што образложи министерката за финансии, Нина Ангеловска, во зависност од траењето на пандемијата, приходите во најдобар случај би се намалиле за 20 отсто, потоа за 30 отсто, до 40 отсто во најнеповолното сценарио. Приходите во Буџетот се планирани на 3,6 милијарди евра, што значи дека дупката во Буџетот според поволното сценарио би изнесувала 700 милиони евра, во второтo сценарио приходите би се намалиле за милијарда евра, а во третото, дури 1,3 милијарди евра.

Ангеловска тогаш кажа дека од почетокот на кризата, има остар пад на приходите во Буџетот од околу 25 отсто на дневно ниво. Во март, падот на приходите изнесувааше 11 отсто, при што приходите од ДДВ се намалени за 17 отсто, а од од акцизи и данок на добивка од 11 отсто.

Вчера и директорот на Царината, Ѓоко Танасоски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во март е регистриран пад на наплатата на акцизите, а со тоа и на увозното ДДВ во просек од 10 проценти.

„Во споредба со минатата година наплатата е намалена за 654 милиони денари и сето тоа се должи на намалувањето на потрошувачката на акцизните производи и согласно тоа повлекува и одредени намалувања на цената на нафтените деривати“, истакна директорот на Царинската управа. (М.Ј.)