Ќе се обезбеди заштитен пристап до Инфективанта клиника

Фото: Б. Грданоски

Владата  донесе Уредбата со законска сила за финансирање на  реконструкцијата на јавните површини во просторот на Клинички центар „Мајка Тереза“ за време на вонредна состојба.  Со одлуката се утврдуваат финансиски средства во висина од 78.000.000 денари за обезбедување на поефикасно функционирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, за овозможување на здравствени услуги, пренесување и транспорт на пациенти заболени од заразната болест коронавирусот КОВИД-19 и непречено функционирање на останатите клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во услови на зголемен обем на работа за време на вонредна состојба.

Според Член 2 од оваа Уредба, финансиското учество на Владата  е за трошоци за реконструкцијата на улици и тротоари, пробивањето на нови влезови, одвојување на автомобилскиот и пешачкиот сообраќај и непречено движење на интерхоспиталните и интервентните возила и возилата на Итна медицинска помош, докторите и пациентите на клиниката, како и расчистување на јавните површини на просторот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Средствата утврдени со оваа Уредба Министерството за финансии ќе ги префрли на Град Скопје, кое ја реализира реконструкција на јавните површини во просторот на Клинички Центар „Мајка Тереза“ Скопје, во координација со јавните претпријатија основани од Градот Скопје.