Ќе се носи закон за пристапност на лицата со попреченост до државните веб-страници и апликации
Создаваме правна рамка што ќе им овозможи на лицата со попреченост, на лицата со оштетен вид, како и на повозрасните граѓани целосно и рамноправно учество во дигиталното општество, истакнал министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на денешната јавна расправа за Нацрт-законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор.
Андоновски, како што соопшти Министерството, ја истакнал целта на Владата за создавање на целосно инклузивно дигитално општество.
На јавната расправа, организирана од Министерството за дигитална трансформација, присутвувале претставници од државните институции, невладиниот сектор, меѓународните организации и академската заедница, демонстрирајќи го значењето на оваа законска регулатива за македонското општество.
-Овој закон е суштински чекор кон обезбедување целосна пристапност на владините веб-страници за лицата со попреченост. Ова е прашање кои со помош на технологијата, ќе овозможи основни човекови права и еднаков пристап до информации и услуги за сите граѓани, истакнал министерот Андоновски.
Законот, кој произлегува од Директивата на ЕУ 2016/2102, предвидува сеопфатни мерки за обезбедување пристапност, вклучувајќи лесна и разбирлива пристапност до содржината, оперативност на интерфејсот и одржливост на техничката имплементација. За следење на спроведувањето на законот, Министерството за дигитална трансформација ќе се посвети на усогласеноста, обезбедувањето обуки и издавањето технички упатства.
-Нашата визија е јасна – градиме дигитална држава во која секој граѓанин, без исклучок, ќе има еднаков пристап до информации и услуги. Овој закон е дел од пошироките заложби на државата за исполнување на задачите од Реформската агенда, Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост од 2011 година, нагласил Андоновски.
Тој посочил дека овој процес бара време и ресурси, но дека ова е инвестиција во подобра иднина во која дигиталната трансформација навистина не остава никого зад себе. – Иднина во која технологијата ги руши, а не ги создава бариерите, истакнал Андоновски во своето обраќање.