Ќе се формира Агенција за дигитализација


– Започната е подготовка на Закон за дигитална агенција, која што ќе се оформи во текот на 2021 година, како централна институција за спроведување на процесот на дигитализација во општеството, но и целосна ИТ поддршка за државните институции.

– Дигиталната агенција е неопходност на нашиот јавен сектор и јас сум целосно посветен тој процес да го предводам и очекувам максимална поддршка од Владата во финансирањето на тој процес. Тука спаѓа и проектот за државен клауд систем, кој што исто така јас веќе не само што го иницирав, туку поднесовме и проектно фише во првите 100 дена пред донаторите од ЕУ како еден од приоритетните проекти, со кој што треба да гарантираме едно централно место, државен центар во кој што ќе се постават сите системи на јавниот сектор, рече министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири во отчетот за сработеното во првите 100 дена од работата на Владата.

Државата, потенцираше тој, мора да ги надгради оптичките мрежни капацитети со цел користење на најмодерните технологии и ИТ решенија, како и подготовка за идните решенија кои што веќе ќе почнат да се применат и кај нас, па затоа не смееме да имаме лоши „ИТ патишта“.  Тие проекти, бидејќи се обемни и многу скапи, ќе се имплементираат со помош на фондови од Светската банка и Инвестициската рамка на Западен Балкан, како и ИПА инструментот на ЕУ и веќе се подготвува документацијата, односно дел од нив се предадени на оценување, информира министерот.

Со ИПА проектот за подобрување и проширување на владините и јавните електронски услуги што почна во септември годинава работните групи ги мапирале институциите каде што ќе се развијат нови електронски регистри и услуги, идентификација на услугите, а направена е и динамика за нивно спроведување.

– Четириесет регистри и услуги ќе бидат готови до на лето, а до крај на проектот вкупно ќе има нови 135 електронски услуги за граѓани и бизниси, со цел олеснување и подобрување на функционирањето на институциите и одговорноста пред граѓаните и бизнисите, најави Шаќири.

Тој соопшти и дека во соработка со Министерството за образование и наука во употреба се пуштени нови електронски услуги, како што се услугите за нострификација на дипломите, како проект преку Британската амбасада. Се работи и на интегрирање на нови услуги на националниот портал на електронски услуги, како што се апликациите за студентски и ученички стипендии, упис во училиште, упис во градинка и апликација за грант за реновирање на училишта.

Центар за сајбер безбедност е неопходност на модерното време, рече министерот и најави дека МИОА во следниот период ќе постапи според Стратегијата за сајбер-безбедност со цел мапирање на целата критична инфраструктура на ниво на државата како и можноста за основање оперативно тело или институција која што ќе ја третира оваа проблематика, а која што нема да биде дел од дигиталната агенција.

– Во изминатиот период МИОА потпиша меморандум за соработка со светскиот бренд Мастеркард за обезбедување на електронска идентификација и доверливи услуги и таа соработка беше однесена на едно ниво погоре во изминатите 100 дена, со тоа што Мастеркард и нивниот изведувач Евротраст доби пристап во нашата платформа за интероперабилност. Во следниот период ќе ја разгледаме можноста за продолжување на соработката со конкретни услуги со модалитетите кои што ќе се договараат, соопшти Шаќири.

Во отчетот тој информираше и дека почнале активности за подготовка на Стратегија за отворени податоци и најави дека таа ќе се финализира во првата година од мандатот, а се осврна и на активностите за подготовка на законите за реформа на јавната администрација. Врз основа на ревизијата во октомври годинава е одлучено предлог-текстовите на законите за измена и дополнување на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор да се повлечат, преработат и да бидат предложени нови.

Во однос на подобрувањето на квалитетот на управувањето, испораката на квалитетни  услуги за граѓаните преку транспарентно, инклузивно и одговорно работење, како што рече, Министерството за информатичко општество и администрација во првите 100 дена го пушти во употреба Порталот за Отворено владино партнерство.