Ќе плаќаме ли поскапа струја


Фото: Б. Грданоски

Дали ќе дојде зголемување на цената на електричната енергија, односно дали сметките за струја годинава ќе бидат повисоки? Повеќе медиуми во земјава објавија вест, повикувајќи се на неофицијални извори, дека владата веќе расправала на оваа тема на затворена седница и донела одлука поскапувањето да биде 5 отсто во однос на јауарската цена, односно од 57 евра за мегават час да се зголеми на 60 евра што значи дека намалената маржа на ЕВН нема да влијае за да се намали цената за домаќинствата и малите потрошувачи. 

Сепак, дали ќе се реализирта ова ќе се знае до крајот на овој месец кога ЕВН Хоме ќе ги направи последните пресметки откако ќе ја добие и цената на струјата од последниот тендер за набавка. На овој тендер вообичаено се јавува државната ЕСМ. Покрај ова на конечната цена влијаат и трошоците на другите енергетски компании кои учествуваат во снабдувањето со струја на домаќинствата. Ваквата пресметка на ЕВН Хоме треба да биде потврдена и од Регулаторната комисија за енергетика.

Инаку, аукцијата на тендерот за набавка на струја за домаќинствата е на 20 овој месец. Како што пишуваат медиумите, Владата одлучила да го почитува Законот за енергетика според кој секоја година се намалува учеството на домашниот производител во набавките на универзалниот снабдувач, односно дека годинава од 95 отсто , процентот ќе се намали на 80 отсто, што значи дека преостанатите 20 отсто ЕВН Хоме ќе треба да ги набави од друг снабдувач.

Најголемо учество во крајната цената на струјата што ја плаќаат домаќинствата отпаѓа на државната ЕСМ, потоа на Електродистрибуција која е фирма на ЕВН. Унивезразлниот снабдувач, ЕВН Хоме учествува со 9,9 отсто, а најмал удел има МЕПСО со 4 отсто. Покрај ова во крајната цена влегуваат и маржата на енергетските компании, трошокот за обновливи извори, за балансираната енергија, за увозот од слободен пазар.

Инаку, претходно имаше најави дека струјата може да поевтинии со оглед дека на светските берзи има тренд на намалување на цената на електричната енергија, пред се како резултат на зголеменото учество на обновливите извори на енергија.