Киро Здравев ќе ги чисти валканите наследства од Караџовски
Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, прв му го честиташе изборот на новиот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев, кој ги доби сите гласови од своите колеги, освен од судијката Гордана Спиреска која заминала на годишен одмор. Нејзиното име можеше да се слушне меѓу можните кандидати за претседател на судското тело, но сепак, единствен предложен кандидат остана Здравев и неговиот избор беше сосема извесен. Кога беше соопштено дека добил 12 гласа и дека е нов претседател, на Здравев прв му честиташе претседател на Врховниот суд, кој седеше непосредно до него иако досега никогаш не присутвуваше на седниците на Советот, ниту доаѓаше кога беше повикуван за постапката што се води против него за одговорност. Сепак Вангеловски не даде изјава за медиумите со оправудување дека има обврски. На седницата не дојде министерката за правда, Рената Дескоска која е член по функција.
Неговиот претходник, Зоран Караџовски на својот колега му посака успешна работа и помалку политички турбуленции, какви што имало за време на неговиот мандат.Во првата изјава пред новинарите, Здравев вети дека ќе ја преиспита одговорноста на неговиот поранешен претседател и на сите судии за кои има покренато постапки пред судскиот совет. Во текот на целиот мандат на Караџовски, точката за утврдување на одговорност на Вангеловски и другите четворица судии кои донесоа одлука да го ослободат од притвор бизнисменот Сеад Кочан, а дел од нив одлучуваа и за притворот на поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Бошкоски кои избегаа во Грција, не стигна на дневен ред. Присуството на Вангеловски за Здравев не е ништо невообичаено бидејќи тој по функција е член на Судскиот совет и добива покана за седниците.
„Секако по функција членови на Судскиот совет се претседателот на Врховен суд и министерот за правда, независно дали станува збор за Вангеловски или било кој друг. Затоа и тие се повикуваат на седниците. Со оглед на тоа дека се покренати постапки пред Судскиот совет реков дека се што е покренато пред Советот како постапка, независно дали е судија, претседател на суд, член на Судски совет или претседател на Советот, мора да ги завршиме“, порача Здравев.
Тој е оптимист дека највисокото судско тело ќе ја испитува одговорноста и на судиите кои работеле под политички диктат, а што ги обелодени Специјалното јавно обвинителство.
„Независно од тоа дали извештајот на СЈО е разгледуван или не, ние имаме сознанија и сигурно дека во иднина, доколку немаме иницијален акт да ги водиме тие постапки, можеме да очекуваме од некој да иницира постапка за утврдување на одговорност на судијата. Со измените и дополнувањата на законот за Судски совет од 2018 година секој граѓанин може да поднесе барање за утврдување на одговорност на судија“, вели Здравев.
Главен приоритет на новиот претседател ќе биде да ја врати довербата во Судскиот совет, која е сериозно разнишана. Судскиот совет ќе инсистира судиите да носат одлуки за кои ќе дадат сериозни образложенија и ќе се повикуваат на одлуки кои претходно биле донесени за иста фактичка состојба. Тој гарантира законска и крајно совесна работа и вели дека врската меѓу челновите на судскиот совет со партиите е оставена на совеста на членовите.
„Тоа е оставена на совеста на членовите на судскиот совет. Со изборот за членови на судски совет по сила на законот престанува нивното членство или било каква политичка дејност. Познатиот грчки филозоф рекол „потешко е да се нанесе неправда, отколку да се трпи неправда“ . Тој што нанесува неправда си ја греши сопствената душа, ако душата е персонификација на совеста“, рече Здравев.
За разлика од претходните двајца претседатели на Судскиот совет, Караџовски и Бранко Ушковски, првиот впечаток што го остави Здравев е неговата отвореност кон медиумите. Тој најави дека сите седници на Советот ќе бидат отворени за јавноста и дека во иднина ќе бидат организирани и редовни брифинзи за новинарите.
Здравев потекнува од Штип, а судската кариера ја започнал веднаш по положувањето на правосудниот испит. Во 1983 година бил избран за судија во Општинскиот суд во Штип – граѓански оддел, а по пет години станал претседател на Општински суд Штип – кривичен оддел. Од 1996 година е избран за судија во штипскиот Апелациски суд, граѓански оддел, а од 2004 година до 2018 година, кога беше избран за член на Судски совет, работел во Врховен суд.
Судијата Киро Здравев беше дел од советот на Врховниот суд кој одлучуваше по жалбата за притворот на поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски и против него и неговиот колега Васил Грчев невладината организација „Зелена лупа“ поднесе кривични пријави. Организацијата тогаш им забележа на судиите дека наместо да ги отфрлат жалбите како недозволени, одлучувале за нив, постапка што поранешните разузнавачи ја искористија и избегаа од Македонија.
Освен претседател, членовите на Судскиот совет избраа и заменик претседател. Здравев ќе го заменува судијата Селим Адеми чиј мандат истекува во октомври. Сепак за него тоа не претставува проблем, бидејќи вели дека има време да промени некои работи во Советот и доколку биде предложен од Собранието може пак да биде избран во Судскиот совет. Адеми беше избран со 11 гласови, односно еден од членовите на Советот не гласал за него, едно гласачко ливче за Спиреска беше неупотребено, а едно беше неважечко. Караџовски останува член на Судскиот совет.
Фросина Факова – Серафиновиќ
Фото: Борис Грданоски