Кирил и Кристијан од ООУ „Мите Богоевски“ – Ресен се национални победници на Европски квиз на пари 2023
На европското финале на Глобалната недела на пари што ќе се одржи на 16-ти мај во Брисел, Белгија нашата земја ќе претставува победничкиот тим кој победи на националниот натпревар Европски квиз на пари 2023, Кирил Китевски и Кристијан Лазароски од ООУ „Мите Богоевски“ – Ресен под менторство на Соња Стрезовска.
Денес, последниот ден, во организација на Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, се одржа финалето на националниот натпревар Европски квиз на пари 2023.
Во првиот круг беа избрани најдобрите три тима во земјата од вкупно пријавените 391 тим од 76 основни и средни училишта, менторирани од 101 наставник/професор. На македонски јазик се натпреваруваа 379 тимови, а 16 се натпреваруваа на албански јазик.
Второто место го освоија Благоја Трајчески и Теодора Трпоска од СОЕУ “Јане Сандански” – Битола под менторство на Билјана Кочовска , додека третопласирани беа Никола Павловски и Дарија Јакимовска од ОУ “Гоце Делчев” – н.Илинден, под менторство на Данче Нацевска.
Нашата земја по петти пат учествува на овој проект на Европската банкарска федерација, наменет за финансиска писменост на ученици од 13 до 15 години.