Кина: Вашингтон да ја повика СЗО во САД да го истражи потеклото на Ковид-19

Кина денеска ги повика САД да и овозможат на Светска здравствена организација „да го истражи потеклото на тамошното избивање на епидемијата со Ковид-19“.
Барањето на Пекинг уследи откако СЗО го заврши теренското истражување во кинескиот град Вухан.
– Сакаме американската страна како Кина да застапува отворен и транспарентен став и да ги повика експертите од СЗО во САД да спроведат истражување и контрола на потеклото на коронавирусот, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин.
Тимот на СЗО на вчерашната прес-конференција во Вухан соопшти дека малку веројатно е Ковид-19 да потекнува од лабораторија и оти најверојатно трансмисијата на вирусот е од лилјаците на човекот.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки изјави дека американската влада не била вклучена во планирањето и спроведувањето на истрагата на СЗО и оти поради тоа сака да изврши независна ревизија на наодите и основните податоци на експертскиот тим.
Нејзината изјава предизвика негативни реакции во Кина.