Кина одлучи да гради гасовод кон Туркменистан наместо кон Русија

Москва со години сака да го изгради гасоводот „Моќта на Сибир 2“, но Кина не сака да ја повтори грешката на Европа


 

Обидите на рускиот претседател Владимир Путин да преговара за зголемување на испораките на гас за Кина се во застој.

Наместо проектот „Моќта на Сибир 2“ од 50 милијарди кубни метри, кој Кремљ го промовира повеќе од 7 години, Пекинг одлучи да му даде приоритет на новиот гасовод од Туркменистан, објави Ројтерс, цитирајќи високи кинески претставници и претставници на индустријата за нафта и гас во земјата.

Иако туркменскиот гас ја чини Кина 30% повеќе од рускиот, а преговорите за попуст со Ашхабат пропаднаа, Пекинг даде зелено светло за проектот „Линија Д“ со кој годишно ќе се увезуваат 30 милијарди кубни метри од Туркменистан.

Државната корпорација за нафта и гас ЦНПЦ минатата недела почна да развива физибилити студија за 200-километарски интерконектор од границата на Ксинџијанг со Киргистан до кинескиот град Вуџија како прва влезна точка, според висок извор на Ројтерс.

„Ова значи дека линијата Д се подготвува“, рече изворот, додавајќи дека изградбата на внатрешен гасовод во Кина би можела да започне веќе следната година.

Во 2022 година, преку три постоечки гасоводи, Кина увезла 35 милијарди кубни метри гас од Туркменистан, за што платила 10,3 милијарди долари. Руските испораки преку „Силата на Сибир“, лансиран во 2019 година, изнесуваа 16 милијарди кубни метри, а нивната цена беше 2,5 пати помала – околу 4 милијарди долари.

И покрај сите руски увертира и изјави за нераскинливо „стратешко партнерство“, Кина се обложува на Туркменистан. „Централноазиските гасоводи се сметаат за клучна инвестиција во енергетскиот и геополитичкиот простор на Кина. Тоа е синџир на снабдување со стратешка вредност што ги надминува комерцијалните аспекти“, изјави за Ројтерс кинески претставник запознаен со глобалната стратегија на ЦНПЦ.

Посетата на Кина на рускиот премиер Михаил Мишустин, со задача да ги прошири економските врски, се покажа немоќна да ја промени ситуацијата. Голема делегација руски функционери, вклучувајќи четворица вицепремиери и двајца министри, се вратија од Шангај со празни раце: цврстата согласност на Кина за „Моќта на Сибир  2“ не можеше да се добие. Ши Џинпинг не кажа ниту збор за проектот во јавните изјави по разговорите.

Кина не сака да ја повтори грешката на Европа и има намера да ги диверзифицира добавувачите, особено што нема проблеми со ова: САД, Катар, Австралија и Туркменистан сакаат да продаваат гас.