Кина ги повика САД да се откажат од развојот на глобалниот противракетен систем

Кина изрази загриженост поради американскиот проект за изградба на противракетениот штит „Златна купола“ и го повика Вашингтон да се откаже од неговиот развој и распоредување, соопшти портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, вчера објави дека е избран архитектонскиот проект за системот за противракетна одбрана „Златна купола“ со цел САД да се заштитат од надворешни закани, дека системот ќе биде готов до 2029 година и ќе чини 175 милијарди долари.
Трамп прецизираше дека буџетскиот пакет кој републиканците моментално го разработуваат на Капитол Хил ќе вклучува 25 милијарди долари за почеток на изградбата на системот за противракетна одбрана, и дека вкупните трошоци за проектот ќе изнесуваат околу 175 милијарди долари, иако би можеле да бидат многу поголеми.