Километри возила чекаат да влезат во Охрид, додека премиерот го отвора реновираниот Залив на коските


 

Повеќе од 20 километри возила, не можат да влезат во Охрид денеска, а температурата на воздухот е високо над 30 степени Целзиусови.  Единственото објасување кое го добиваат граѓаните кои чекаат да влезат во Охрид од страна на Скопје е дека се чека делегација.

А, делегацијата е на највисоко ниво, односно, таму денеска се премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министрите за култура и туризам, Зоран Љутков, и за транспорт Александар Николоски, градоначлникот на Охрид, Кирил Пецаков, како и пратеници во Собранието, кои ја промовираа реконстукцијата на Музејот на вода во Охрид, заедно со наколната населба во Заливот на коските кај Градиште на брегот на Охридското Езеро.

На социјалните мрежи врие од видеа и фотографии од колоната возила кои стојат на жешкото сонце, но додека премиерот, министрите и градоначалникот даваа изјави, сообраќајот дури и за влез во Охрид е стопиран, иако Заливот на коските и на повеќе од половина пат до Св. Наум. 

Ако се знае дека вечерва во македонскиот бисер почнува културната манифестација Охридско лето, на која се претпоставува дека би присуствувал и државниот врв, тогаш нејасно е зошто полицијата успеа да направи ваков застој.

Од вечерва сите патишта водат кон Антички – под мотото „Трансформација на сетилата“ почнува 65. „Охридско лето“

Инаку, Заливот на коските беше целосно реставриран како еден од најдоходовните објекти од тој вид во Охрид и земјата.

Обновени се палафитната населба, на изложбениот простор во музејот, санитарните јазли, осветлувањето, вентилацијата, а ќе се спроведе и наводнувањето на локалитетот, за што веќе е избран изведувач.

Премиерот Мицкоски истакна дека очекува со консолидирањето на состојбите во земјата да се зголемат и инвестициите во културата.

– Не случајно секторот туризам го додадовме до Министерството на култура и тоа стана Министерство за култура и туризам, бидејќи според спроведените истражувања најголемиот дел од посетителите, односно туристите коишто ја посетуваат Македонија како туристичка дестинација токму тоа е и причината зошто ја посетуваат, односно богатото културно наследство. Овој објект овдека, оваа населба овдека и заедно со придружната инфраструктура навистина претставува еден значаен објект за Охрид и за туристите коишто го посетуваат Охрид, рече тој.

Мицкоски истакна дека добрата соработка на релација локална и централна власт неминовно дава резултати.

– Тука не застануваме со инвестиции, продолжуваме и понатаму им честитам и на останатите коишто беа вклучени во поддршката на реализацијата на овој проект, министерот, градоначалникот, сите останати кои што помогнаа, тука е и министерот за транспорт и потпретседател на Влада кој што силно е фокусиран во делот на подобрување на инфраструктурата во Охрид и околината, пратениците во Собранието коишто жестоко се борат за проект повеќе за Охрид. Така што кога имаме една ваква енергија којашто се обединува помеѓу локалната и централната Влада тогаш резултатите и успехот се неизоставени, реле премиерот Мицкоски.

Министерот за култура Љутков во оваа прилика посочи на ситуацијата што ја затекнал на овој локалитет кога стапи на функцијата, како што рече, една девастирана институција, неодржуван запуштен локалитет што е недозволиво за таква туристичка атракција.

– Веднаш презедовме мерки, направивме план што треба да се направи за овој музејски комплекс…Се потрошија 15 милиони денари и се уште ќе се издвојуваат средства за еден доходовен комплекс како што е Музејот на вода. Во наредниот период ќе инвестираме и во други содржини во Охрид, како што гледам и патната инфраструктура е доста подобрена, се подобруваат условите и ќе продолжиме со исто темпо и натаму, рече Љутков.

Градоначалникот на Охрид, Пецаков од своја страна рече дека изминатите триесеттина дена во Охрид се бележат повеќе важни настани директно поврзани со инфраструктуриниот развој на Охрид, но и инфраструктурата поврзана со туризмот.

– Ова е само почеток и преку соработка на локалната самоуправа со централната власт очекувајте уште многу вложувања во наредниот период, рече Пецаков.

Реконструкцијата на локалитетот Музеј на вода – Залив на коските е реализирано преку средства што се обезбедени од НУ „Завод и музеј – Охрид“, како дел од пошироката стратегија за поддршка на културното наследство и развој на туризмот во Охрид.