Кензо Танге го замислувал Скопје како мост помеѓу хуманоста и иднината: Интервју со Јасминка Намичева, архитект


Фото: Б. Грданоски

Лејла Сабит

На денешен ден, пред 57 години, во 5 часот и 17 минути, земјотрес од 6.1 степен според Рихтер го срамни Скопје со земја. Загинаа 1.070 лица, повеќе од 4.000 беа повредени, околу 200.000 останаа без покрив над главата, 28.000 домови беа оштетени и нешто повеќе од 15.000 станови беа урнати. Први што им пристигнале на помош на скопјани беа војниците и граѓаните од поранешните југословенски републики, а веднаш потоа почнаа да пристигнуваат помош и спасувачки екипи од целиот свет. Според тогашните извештаи, 87 странски нации испратиле најразлична помош за Скопје и помогнале во изградбата на новото Скопје. Од тогаш и Скопје го носи епитетот „град на солидарноста“.

Проектот на врвниот јапонски архитект Кензо Танге (добитник на Прицкеровата награда) за новиот град засекогаш го смени урбаниот пејсаж на Скопје. Тој, заедно со неколку познати архитекти од Јапонија (Исозаки, Курокава) и интернационален тим на урбанисти и архитекти, како и архитекти од Македонија помогна повторно да се изгради Скопје.

Во интервју за „Независен“, Јасминка Намичева, кустос- советник и архитект во Музејот на град Скопје меѓу другото открива како е реализирана идејата за изгледот на постземјотресно Скопје и колку од проектот на Танге е реализирано досега.

 Како Кензо го замислувал Скопје?

Проектот на Танге бил базиран на прелиминарниот Мастер план и студиите преземени од Град Скопје во соработка од Обединетите нации, при тоа манифестирајќи систем со кој механизмот на современото општество би можел да биде трансформиран во просторна структура. Овој структурен систем би продолжил да креира мост помеѓу постојаната прогресивна цивилизација и константниот фактор на хуманост.

Колку од неговиот проект е реализирано досега?

За да одговориме на ова прашање е неопходно да го знаеме процесот на разработките на планот. Имено, на 29 септември 1965 година во Заводот за урбанизам и архитектура на Скопје, председателот на Градското собрание на Скопје, Благој Попов, го примил изготвениот Основен урбанистички план на Скопје, на чија разработка учествувале преку 150 стручни лица од Полска, Грција и Југославија. Експертите од „Полсервис“ од Полска го работеле Регионалниот и Генералниот план. Соработниците од „Докисјадис“ од Атина учествувале во разработката на становањето, транспортот и инфраструктурата. Соработниците од Заводот за урбанизам и архитектура на Скопје учествувале во подготовката и на обете работи.

Кензо Танге изложба, 2012, Скопје/Фото: Б. Грданоски

На 10 октомври 1965 година, на Градскиот саем била отворена изложбата „Скопје во иднината“ на која бил прикажан Основниот генерален урбанистички план, како и конкурсните решенија за централната површина на градот, помеѓу кои е и проектот на Кензо Танге, добил 60% од добитната награда, која ја делел со хрватскиот тим на урбанистите Радован Мишчевиќ и Федор Венцлер. За да ни стане јасен амбиентот во кој биле реализирани идеите од планот на Танге, значајна е изјавата на председателот на Градското собрание на Скопје, Благој Попов. „Генералниот урбанистички план – визија за утрешното Скопје – го доби својот епилог. Работен во извонредна кооперација со Обединетите нации и многу организации, планот претставува еден од најзначајните потфати на меѓународната солидарност, изразена во совладувањето на последиците од стихијата од 26 јули 1963 год. Содржината на овој многу значаен акт е во комплексната студија и решението, кое овозможува иднината на Скопје да се заснова на современи научни и технички сознанија од урбанизмот, но и други области“, рече Попов.

Планот во текот на процесот на разработка доживеал девет верзии, до моментот на реализација на првата етапа до 1971 година, во кои биле трансформирани поголемиот дел од идеите, особено во деталите за централното градско подрачје од Кензо Танге. Овој план бил предвиден за реализација до 1981 година, кога најголемиот дел од објектите биле започнати или завршени.

Централно градско јадро-автори на проект и макета-Мишчевиќ-Венцлер

Идејата на Танге за спроведувањето на структурната реорганизација на градот била преку елементите наречени „Градски зид и Градска порта“. Таа идеја била разработувана по 1965 година во форма на детален елаборат на реконструкциската шема од тимот на соработници кој го составил Танге, а во кој биле вклучени архитектите Садао Ватанабе, Арата Изосаки и Јошио Танигучи, како и експертите за земјотресно инженерство Тошихидо Хисада и Кивоши Мито, но во соработка со  второнаградениот загрепски тим и архитекти од Заводот за урбанизам на Скопје.

Радован Мишчевиќ на изложбата „Два града две реки“ во Музеј на град Скопје, средба со Мимоза Томиќ

Во Градската порта било планирано вкрстување на сите постојни сообраќајни системи, односно циркулацијата на автомобилите, автобусите, пешаците како и железницата -чија изградба била впрочем и започната но никогаш не била целосно завшена во замислената форма. Портата е јазол кој ги опфака комуникациските функции но и деловните операции, при што современиот брз меѓуградски сообракај се трансформира во локален сообраќај додатно разложен во верткала со пешачки зони и простори за паркирање за да се ослободи централното јадро од непотребен автомобилски сообракај. Така, од градската порта била создадена нова оска на градот од исток кон запад  долж текот на реката Вардар.

Вториот структурен елемент во планот на Танге – Градскиот зид, составен од станбена зона со висококатници поврзани со хоризонтални станбени блокови, со ослободени партерни зони и непречени пешачки траси. За жал оригиналната идеја на Танге и за станбените блокови била видоизменета, но генералната урбана структура била испочитувана.

Од изработката на макетата во студиото на Танге во Токио-архива К.Танге студио

Дали имате сознанија дали Танге го посетил обновеното Скопје?

Бил во посета на Скопје во мај 1965 година при презентацијата на проектот.

Зошто токму Танге е меѓу архитектите кој добил покана да учествува на конкурсот за обнова на Скопје?  Кој одлучувал за тоа?

Во 1964/65 година Обединетите нации застануваат зад обновата на Скопје, со одлуката да биде распишан конкурс на повик, за реконструкција на градот кој претрпе околу 70 отсто оштетувања на архитектонскиот фонд, особено во централното градско јадро. На конкурсот биле повикани да учествуваат осум стручни тимови, кои во тој момент на светската урбанистичка сцена претставувале најреномирани проектантски студија од кои четири странски архитектонски фирми: од Холандија Ван дер Брок и Бакема; од Италија Луиџи Пицинато; од САД Морис Ротивал; и од Јапонија Кензо Танге. Танге веќе го реализирал урбанистичкиот план за Токио. Од југословенските проектантстки бироа биле повикани: Славко Брезовски од Скопје; Александар Ѓорѓевиќ од Белград; Радован Мишчевиќ и Федор Венцлер од Загреб и Едуард Равникар од Љубљана. Претставници од Обединетите нации биле оценувачкото жири предводено од Директорот на проектот на ОН, Адолф Циборовски (урбанист кој учествувал во обновата на разрушена Варшава во Втората светска војна) од Полска; Љубе Пота, директор на Заводот за урбанизам на град Скопје и Ристо Галиќ, директор на Институтот за планирање и архитектура. Во мај 1965 година било прогласено дека добитната награда ја делат со 60 проценти проектот на Кензо Танге и со 40 проценти проектот на Радован Мишчевиќ и Федор Венцлер.

Тимот на Танге пред нивниот модел на Источното градско јадро на Скопје

Оригиналната макета за изгледот на постземјотресно Скопје на Кензо Танге се чува во депото на Музејот на град Скопје. Има уште една макета за изградбата на Скопје по земјотресот во 1963 година, која за среќа не беше уништена во пожарот во кој до темел изгореа бараките на поранешниот Институт за урбанизам на град Скопје и се наоѓа во рацете на главниот акционер на објектите на Институтот за урбанизам, Менди Ќира. Која е разликата меѓу тие две макети?

Макетата која се наоѓа во Музеј на град Скопје е онаа со која тимот ја презентирал својата работа на конкурсот – значи претставено е идејното решение за Централното градско јадро, додека макетата која се наоѓаше во Институтот за урбанизам на град Скопје, е презентација на дел од планот околу Транспортниот центар и оската исток-запад.

Во каква состојба е сега макетата на Музејот на град Скопје?

Во 2008 година кога во Музеј на град Скопје за прв пат беше формирано одделение за Историја на урбанизам, архитектура и дизајн, започна акција за прибирање на предмети и веднаш беа преземени активности за санација на збирката со макети од нашиот искусен конзерватор Никола Кекеновски, при што макетата од студиото на Кензо Танге, како и и макетата од хрватскиот тим Мишчевиќ-Венцлер, беа конзервирани и заштитена во соодветна амбалажа за складирање, која пак е сместена во транспортни контејнери, по што тие беа подготвени за изложбена презентација, како во земјата така и во странство. Макетите по секој поголем транспорт подлежат на ревизија од музејските конзерватори и евентуални ситни санации заради фрагилноста на материјалот од кој се изработени, но засега се во добра кондиција за изложување.

ГТА-Институт, Цирих-модел на крабрежје на Вардар

Дали досега беше изложувана за јавноста или се чува во депоата?

Досега беше многупати прикажувана на значајни изложби. Ќе почнам од последната презентација во јуни 2019 година: „Скопје – Град, архитектура и уметност на солидарноста“ во Културниот центар во Краков, Полска; во 2018 во Музејот за модерна уметност – МОМА, Њујорк, САД; 2014 во GTA-Insitut fur Geschichte und Theorie der Architectur, Цирих, Швајцарија; 2013 – „Два града, две реки“ – Музеј на град Осиек, Хрватска/Музеј на град Скопје; 2012 – „Метаболизам – Градот на иднината“ во Mori Art Museum, Токио, Јапонија; 2012-„Незавршени модернизации: Помеѓу утопија и прагматизам“ – Модерна галерија, Марибор, Словенија; 2010 – Арт Биенале, Тренто, Италија.

Бидејќи во Музеј на град Скопје, сѐ уште не постои постојана музејска поставка која го презентира урбаниот развој на градот, соодветните музејски предмети од нашите збирки за жал сѐ уште се чуваат во депоата, но секако кога за презентирање во контекст на времени изложби постојат услови, ние секогаш сме ја презентирале на јавноста не само макетата од студиото на Кензо Танге, туку и онаа која е од истиот конкурс, но дело на хрватскиот тим урбанисти Мишчевиќ-Венцлер, како и други експонати од истиот период.

Лани, макетата беше дел од изложбата на МСУ „Скопје – Град, архитектура и уметност на солидарноста“ во Краков, Полска. За прв пат полската колекција на МСУ беше изложена во земјата донатор, а беше изложена и во Музејот на модерна уметност во Њујорк-МОМА. Дали тоа значи дека за темата Изградба и солидарност со Скопје, многу внимание се посветува во светот и има интерес?

Во последните години особен интерес светската архитектонска јавност појавува за архитектонските зданија создавани во периодот на СФРЈ, особено за оние кои биле создавани со белегот на  бруталистичката архитектура. Скопје, токму како резултат на постземјотресната изградба и идејата за обнова во современ урбан центар, ја имал таа среќа повеќето новопланирани јавни и колективни станбени објекти да бидат проектирани од домашни архитекти кои ја застапувале оваа архитектонска стилска идеја. За тоа сведочат и неколкуте изложби во важни светски културни центри кои беа реализирани во изминатите години. Особен интерес покрај архитектурата, побудува и феноменот на извонредната солидарност која целиот свет ја демонстрираше по земјотресот во 1963 кон граѓаните на Скопје, што резултирало со брзо опоравување од катастрофата, но и со трасирање на патот за создавање на град со современи урбани и архитектонски концепции.

Музеј „Мори арт“ ,Токио

Во 2012 по повод 50 годишнината од скопскиот земјотрес и 100 години од раѓањето на Кензо Танге, неговиот син Пол Норитака Танге претстојуваше во Скопје.  Дали вие се сретнавте со него ?

Не се сретнав.

Изложба за Кензо Танге во Скопје, 2012/Фото: Б. Грданоски

Се има впечаток дека архитектите – македонски, југословенски и светски – заслужни за воскреснувањето на Скопје по земјотресот полека тонат во заборав. Да споменеме само неколку, заедно со нивните дела: Георги Константиновски – седиштето на Градскиот архив (1966), студентскиот дом „Гоце Делчев“ (1969), Хидромеоролошкиот институт (1972), Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (1978); Јанко Константинов – гимназијата „Никола Карев“ (1969), Медицински центар (1973), Дирекција на Македонска пошта (1974 и во 1979-1980); Живко Поповски, Живко Гелевски, Лидија Маркова и Тихомир Арсовски – Градски Трговскиот Центар (1973); Марко Мушич (еден од најистакнатите словенечки архитекти) – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1974). Радомир Лаловиќ и Олга Папеш – Македонската Народна банка (1974); Борис Чипан –  Македонската академија на науките и уметностите (1975). Музејот на современата уметност е подарок од полската влада, изграден во 1970 година, според проектот на Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки. Зошто е креиран таков амбиент?      

Не би рекла дека тонат во заборав, особено последниве години кога не само домашната архитектонска јавност туку и светската е со зголемен интерес за бруталистичката архитектура во СФРЈ, особено во Скопје и Македонија од периодот на седумдесетите и осумдесетите години на 20. век.

Сепак, недоволна е и недостасува поинтензивна институционална подршка за финансирање на истражувања генерално на целокупното архитектонско наследство на град Скопје, од сите културни слоеви на градот, и секако печатење на монографски изданија кои ќе ги пласираат овие културни вредности.особено внимание сметам дека е неопходно да се обрне на архитектите кои учествувале во изградбата на градот и кои сѐ уште можат да ни дадат мноштво релевантни податоци за развојот на архитектонската мисла и кои бездруго би требало да ги вреднуваме како живо културно наследство.

Фото: Б. Грданоски

Вие сте и архитект. На што личи денес Скопје?

Скопје е денес град во кој е ампутиран најголемиот дел од неговата архитектонска физиономија градена со столетија. Град кој, за жал, приличи на детските боенки каде еден нацртал глава од слон, а другиот додал тело од зебра. Сликата за градот стана уште поискривоколчена со атакот од стиропорните новокомпонирани згради од „Скопје 2014“, со што на градот, кому историската судбина не му дозволила да го одминат природните катастрофи, земјотреси, поплави, пожари и воени разурнувања, му беше додадена и судбината да биде најисмеван град од светската архитектонска заедница. Град во кој, за жал, постои недоволно чувство и политика за зачувување, обновување и заштита на вистинското архитектонското наследство, независно дали станува збор за оние објекти создадени по 1963 година по стандардите на модерната архитектонска мисла или пак за оние кои биле подигнати пред стотина години, а кои всушност еднакво се важни во исцртувањето на одната линија на развојот на градот. Сведоци сме на тивко разјадување на ионака малиот број преостанати објекти кои можеа да ја раскажуваат богатата градежна традиција на градот и деградирање на старата скопска чаршија до степен на непрепознатливост. Секаде во светот експертите за архитектонско наследство се трудат да ги истражат и реконструираат историските објекти до степен на примена на автентични материјали и градежни техники, додека кај нас несериозниот приод е пресликан во денешниот несоодветен изглед на Старата чаршија. Најсвеж е примерот со објектот на Старата железничка станица, во кој од 1972 година е сместен Музејот на град Скопје, за која сме сведоци дека во последните десетина години најгрубо се девастираше околниот простор како составен дел од перонскиот сегмент на објектот, а сега со изградбата на новите објекти околу , станицата ќе биде вклештена помеѓу неонските реклами на грандиозниот објект кој ја проголтува, со што сосема ќе биде нарушено нејзиното значење како лендмарк и меморија за катастрофата за која еве по 57 години се обидуваме да евоцираме спомени.