Кејт Брнс: Договорот од Преспа ќе донесе стабилност во регионот


Договорот од Преспа е огромен дипломатски успех. Напорите на лидерите на Северна Македонија и Грција Зоран Зеав и Алексис Ципрац да го постигнат овој историски договор ќе донесат стабилност пошироко во регионот. Ова го истакна новата американска амбасадорка во земјава Кејт Брнс на сослушувањето во Сенатот за потврда на номинацијата од претседателот Доналд Трамп.
Таа најави три приоритети во фокус на нејзината работа ако биде потврдена за идна амбасадорка во Скопје. „Прво ќе промовираме стабилност преку силни институции. Северна Македонија направи значен прогрес во унапредување на законите за исполнување на реформите, вклучително за судска независност, владеење на правото и одговорност”, рече Брнс.
Таа истакна дека политичките лидери треба да осигураат овие закони да бидат целосно имплементирани, со цел да направат вистинска промена и да ги исполнат потребните стандарди за членство во Европската Унија и НАТО.
„Конгресот направи траен ефект врз демократските реформи и развој на Северна Македонија. Ако бидам потврдена, ќе осигурам оваа американска Влада тоа да го продолжи”, рече Брнс.
Како втор приоритет ја истакна безбедноста преку партнерство.
„Како иден НАТО сојузник, Северна Македонија мора да ги исполни заложбите. Ќе работам со членови на оваа Комисија да осигурам дека Северна Македонија ќе продолжи да дава силен придонес за безбедноста на НАТО”, рече таа, додавајќи дека државата учествува во меѓународни операции од 2002 година, испраќајќи речиси 4.000 војници.
„Трето, ќе промовираме просперитет преку позитивно влијание. Северна Македонија ќе има бенефит од подобрување на човековите права, вклученост, слободни медиуми и отворени пазари. САД ќе бидат партнери во градење нови можности за идните генерации преку УСАИД и други програми и јавна дипломатија”, вети Брнс.
На прашањето за мешањето на Русија во Северна Македонија, Брнс рече дека има цел да креира поделба и недоверба, јавно спротивставувајќи се на Договорот од Преспа и влезот на државата во НАТО, но, оти таа ќе работи на поддршката на независни медиуми и граѓанско општество, кои ќе помогнат во откривање на фактите и вистината.
Таа додаде дека Северна Македонија има потреба од повеќе извори на енергија и патишта, како и од енергетски пазар, кој ќе биде интегриран во регионалниот пазар.
„Има замислен проект со Грција, кој ќе овозможи Северна Македонија да добие различни извори на снабдување”, рече Брнс.
Брнс e дипломат од кариера и досега беше заменик шеф на мисијата на САД во Атина, каде што дојде во септември 2017 година. Претходно беше постојан претставник на мисијата на САД во ОБСЕ во Виена. Досегашниот американски амбасадор во Скопје Џес Бејли беше потврден во Сенатот во декември 2014 година, а си замина од функцијата во февруари годинава.