Кањонот Матка да стане споменик на природата


Фото: Б. Грданоски

Советниците на Град Скопје, денеска ќе го разгледуваат и предлогот за прогласување на заштитениот локалитет „Кањон Матка“ за споменик на природата.

Советот на Град Скопје му предлага на Министерството за животна средина и просторно планирање да спроведе постапка за ревалоризација и прогласување на заштитениот локалитет на подрачјето на Град Скопје „Кањон Матка“ за споменик на природата, согласно Студија за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка“, изготвена 2010 година и извршената ревизија на Студија за ревалоризација на локалитетот Матка, во чии рамки е извршено зонирање на просторот од 2020 година.

Согласно правилата на Светскиот одбор за заштитени подрачја, спомениците на природата се места на заштита од III степен, и опишани како:

„Подрачја издвоени со цел да се заштити извесен споменик на природата, кој може да биде земјиштен облик, подводна планина, подводен кладенец, геолошка образба како пештера, па дури и место со живи организми. Начелно претставуваат мошне мали заштитени подрачја, и често имаат со голема посетеност. “

Спомениците на природата важат подрачја од III степен на заштитеност, по националните паркови (II степен) и подрачјата на дивина (I степен).

Во Македонија има повеќе заштитени подрачја како споменици на прродата и тоа: Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Вевчанските и Смоларските водопади, Куклица, Маркови Кули, Ѕвегор, Калница, Демиркаписката Клисура и други.