Продолжува изградбата на Универзална сала – куполата била безбедна


Повторно денеска почна реизградбата на Универзалната сала во Скопје, откако Министерството за култура ги презеде ингеренциите, за потоа повторно да му ја врати на Град Скопје, но во меѓувреме таа се запали во тек на реизградбата, па целиот процес почна отпочеток.

Денеска, конечно почна нејзината реизградба, а се очекува да заврши до крајот на 2027 година, со што целиот проект ќе чини 20 милиони евра.

Министерот за култура Зоран Љутков, вели дека  Универзалната сала ќе биде готова до крајот на 2027 година, а нејзиното отворање со некаков настан да се означи на почетокот на 2028 година.

„Универзалната сала ќе биде завршена до крајот на 2027 година. Ќе биде дел од „Скопје – европска престолнина на културата во 2028 година“. Имаше правни пречки, имаше поделени стопанисувања меѓу Град Скопје и министерството за култура, не се знаеше кој е одговорен во овој дел. Кога во истиот момент ги решивме овие пречки, продолживме со целата процедура, во овој момент Министерството за култура преку владата е инвеститорот, по принцип клуч на рака. Сумата е околу 20 милиони евра обезбедени од Владата преку Министерството за култура, и ќе биде готова до крајот на 2027 година и конечно скопјани ќе имаат еден спомен од минатото“, изјави Љутков.

Прашан дали се гарантира безбедноста во поглед на пожари, Љутков рече дека направени се неколку испитувања во однос на ова, првите две нарачани од самиот изведувач, а потоа уште едно, а резултатот вели дека нема никаква опасност врз челичната конструкција.

– Останува истата челична конструкција, која се покажа дека не е оштетена – рече Љутков.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој беше на уивид во градежните работи на Универзалната сала, нагласи дека проектот конечно добива на динамика по долгиот период на застој и „перипетии“ од минатото. Фокусот е ставен на финализирање на објектот пред почетокот на проектот „Европска престолнина на културата“, каде Скопје мора да ги заокружи сите инфраструктурни објекти до 2028 година.

Мицкоски изрази задоволство од текот на работите и очекува истите да завршат во предвидениот рок и во рамки на планираниот буџет.

„Очекувам во рамките на рокот да биде завршен овој објект бидејќи проектот „Европска престолнина на културата“ после сите оние застои во минатото, конечно добива на некаква динамика, а мораме до 2028 комплетно да ги затвориме сите објекти. Така што еден од тие објекти е и овој позади нас“, истакна премиерот.

„Овој објект ќе биде репрезентативен за градот и државата, симбол од постземјотресниот период кој буди емоции кај сите скопјани“, додаде тој.

Градоначалникот на Град СКопје, Орце Ѓорѓиевски појасни дека реализацијата на проектот ја води Владата преку Министерството за култура и туризам, а Град Скопје ќе ја преземе Универзалната сала по нејзиното завршување, при што ќе обезбедува логистичка поддршка во текот на изградбата.

Според најавите, Универзалната сала по завршувањето ќе прерасне во објект со современ изглед, каде граѓаните повторно ќе можат да уживаат во културни настани.

Универзалната сала се гради според послено презентираниот проект од страна на Љутков, со модификации кај сцената и во административниот дел, а целокупно ќе го задржи својот оригинален изглед.