Камала Харис објави извештај за нејзиното здравје, прашање е дали Трамп ќе го стори истото

„Накратко, потпретседателката Харис е во одлична здравствена состојба“, напиша во писмото доктор Џошуа Симонс


Потпретседателката на Соединетите Американски Држави Камала Харис, кандидатка за претседател на демократската партија, објави писмо од нејзиниот лекар во кое се вели дека е во „одлично здравје“ и погодна за висока функција, во обид да направи контраст со нејзиниот противкандидат, Доналд Трамп.

Во документот објавен викендов, лекарот Џошуа Симонс рече дека резултатите од испитувањата на здравствената состојба на Харис направени во април го истакнале нејзиниот активен животен стил, „многу здрава исхрана“, сезонски алергии, спорадични кожни реакции и умерена употреба на алкохол.

„Накратко, потпретседателката Харис е во одлична здравствена состојба. Таа ја поседува физичката и менталната издржливост потребни за успешно извршување на должностите на претседателството, вклучувајќи ги и шеф на државата и врховен командант“, напиша Симонс.

Поранешниот претседател Трамп го доведе во прашање здравјето на претседателот Џо Бајден додека се уште 81-годишниот претседател бараше реизбор. Откако Бајден беше заменет со Харис, здравјето на Трамп привлече поголемо внимание.

Според советниците на Харис, потпретседателката ги објавила своите медицински информации викендов во обид да го привлече вниманието на одбивањето на Трамп да го стори тоа.

До сега Трамп објави многу малку информации за неговата здравствена состојба, вклучително и по обидот за атентат во јули кога беше погоден во увото со куршум.

Во ноември минатата година, Трамп го одбележа роденденот на Бајден објавувајќи писмо од неговиот лекар во кое се наведува дека поранешниот претседател е со „одлично“ физичко и ментално здравје.

Писмото објавено на платформата за социјалните медиуми на Трамп не содржеше детали за да ги поткрепат неговите тврдења – мерки како тежина, крвен притисок и нивоа на холестерол, или резултати од било кој тест.