Калас: За иднината на Гренланд треба да одлучуваат Гренланѓаните


Секоја одлука за иднината на Гренланд треба да ја донесе гренладскиот народ, затоа што единствениот начин да се одржи глобалниот поредок базиран на правила е целосно почитување на принципите на суверенитет, територијален интегритет и неповредливост на границите, порача вечерва високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во обраќањето пред европратениците на дебатата посветена на правото на Гренланд да одлучува за својата иднина. 

– Нашата цел останува иста: да ја зачуваме стабилноста на регионот на Арктикот и да промовираме мирна соработка, а воедно да се справиме со повеќеслојните безбедносни предизвици што ги претставуваат климатските промени и геополитичките случувања, истакна Калас. 

Таа нагласи дека Гренланд станува се поважен во врска со геостратешките приоритети на ЕУ во Арктикот, каде, како што рече, фокусот на воените активности се зголеми со променливата динамика во глобалната безбедност, особено по руската инвазија врз Украина. 

– Секоја загриженост за безбедноста мора да се сфати сериозно. Иако нема директна воена закана, сепак од суштинско значење е да бидеме будни поради загриженоста за економската безбедност и саботажа на подводните кабли, рече Калас. 

Според неа, сепак, климатските промени остануваат најголемата и најконкретна закана за Арктикот, кој е непропорционално погоден од нив, поради што загревањето е три до четири пати побрзо од глобалниот просек и забрзано се топат морскиот мраз и пермафростот.

– Ова претставува сериозен предизвик за егзистенцијата на луѓето, но топењето на арктичкиот морски мраз, исто така, отвора потенцијални бродски патишта и пристап до природни ресурси. Ова, пак, би можело да доведе до зголемени безбедносни тензии во регионот. Затоа е клучна сеопфатната и холистичка безбедност во арктичкиот регион, заклучи Калас.