Како работеле лани компаниите во ТИРЗ: уплатиле 30 милиони евра повеќе во Буџетот, отколку што добиле државна помош
Компаниите во технолошко-индустриските-развојни зони (ТИРЗ) лани имале позитивни економски резултати, стабилен број на вработени и раст на платите од 2 отсто, како и зголемена уплата во државниот буџет, покажува првичната годишна анализа за 2020 година на ТИРЗ. Како што оцени денес на прес-конфереција Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, податоците во анализата укажуваат дека трендот на позитивен раст ќе продолжи и годинава.
Тој потсети дека компаниите во технолошко-индустриските-развојни зони учествуваат со 47 отсто во вкупниот извоз на земјата. Лани, како што презентираше, оствариле вкупна добивка од околу 65 милиони евра (4 милијарди денари), или за околу 40 отсто помалку во однос на 2019 година, поради намалената активност до средината минатата година предизвикана од пандемијата. Во истиот период оствариле вкупни приходи од 135 милијарди денари, за 9,4 отсто помалку во однос на 2019 година. Добивка оствариле 47 отсто од компаниите, а со загуба 53 отсто, но кај дел од нив ваквите показатели се резултат на инвестицискиот циклус, кои во билансите ги зголемуваат трошоците.
И покрај тешките околности за работење предизвикани од пандемијата со КОВИД-19, сепак, нема намалување на вкупниот број на вработени, нагласи Деспотовски.
„Во просек лани бројот на вработени е зголемен за 0,64 отсто во споредба со 2019 година. Три компании лани имале ист број на вработени како и претходната година, 18 го зголемиле бројот на вработени, а девет имале помалку работници“, рече Деспотовски.
Тој нагласи дека според договорите со постојните инвеститори во наредниот период се очекуваат нови 7.500 вработувања, а покрај тоа тој бро ќе се зголеми и со нови вложувања кои допрва ќе дојдат од страна на нови инвеститори во зоните со кои се преговара.
Просечната плата на вработените во компаниите кои работат во ТИРЗ минатааат година достигнала 37.658 денари, а тенденција е таа да се зголемува и да биде повисока од просекот на државата, што ќе се овоззможи и со новиот начин на доделување на државна помош кој што се условува и со зголемување на платите, но и со привлекување нови инвестиции со поголема додадена вредност, како што се н а пример компании од фармацевтскиот сектор.
„И во услови на криза предизвикана од Ковид 19 бројот на вработени не само што останува стабилен, туку и континуирано расте. Дури 60 отсто од компаниите имаат зголемен број на вработени. Покрај над 14.000 наши сограѓани кои работат во зоните, пред нас стојат уште дополнителни 7.500 работни места на кои се обврзани само постојните инвеститори, без оние со кои во моментов разговараме. Наша цел е со посебни мерки да го забрзаме овој процес и на нашите сограѓани да им овозможиме иднина дома, особено на младите,“ изјави Деспотовски.
Во 2020 е регистриран и раст од 5,5 отсто на просечната бруто плата во однос на 2019, како и 2 отсто на просечната нето плата во зоните. Достигнатото ниво е сеуште е под просечниот за целата економија, но охрабрува фактот дека има позитивен тренд на раст. Тоа е забележано особено кај преработувачката индустрија каде платите во ТИРЗ во 2020 се за 10 отсто повисоки од националниот просек за оваа дејност. Деспотовски најави и нова мерка за поттикнување на отворање нови работни места и повисоки плати.
„Целта е не со статистички вежби, туку со реални мерки платите да бидат над просечното државно ниво. Воведуваме нова мерка за поттик на отворање работни места со која нема да даваме средства само за отворање на работни места без критериуми, туку тие ќе бидат врзани со одреден процент на раст на платите на вработените во компанијата“ најави Деспотовски.
Компаниите во зоните и во година на криза на ниво на портфолио имаат остварено добивка од околу 3 отсто или 4 милијарди денари. Во однос на добивката и приходот соодносот е речиси 50%-50%, но треба да се има предвид дека кај компаниите со намален приход покрај оние кои работат со оперативна загуба се и компаниите кои реализираат поголеми капитални инвестиции поради што имаат поголеми расходи.
Во однос на придобивките за државата и покрај намалениот данок на добивка, регистриран е раст во делот на уплатените придонеси и во делот на даноците што се должи на зголемениот број работни места и повисоката бруто плата од 5,5 отсто.
Компаниите вкупно уплатиле во буџетот околу 40 милиони евра во 2020 година што 90 отсто повеќе од дадената државна помош за истиот период.
„Во државниот буџет за 2020 останале 30 милиони евра како разлика од она што е приходувано и она што е реално исплатено. Тоа се повеќе пари за пензии, јавно здравство, образование, инфраструктура. Веќе работиме на посебни механизми за поттик на инвеститорите што побрзо да ја искористат помошта и да почнат да уплаќаат повеќе пари во државниот буџет. Поддршката на државата на инвеститорите е и поддршка на десетици илјади наши сограѓани низ целата земја,“ нагласи Деспотовски.