Како го направивме | КАКО БЕА СОЗДАДЕНИ ВАЖНИ УМЕТНИЧКИ ДЕЛА (8)

Како ја снимивме „О Супермен“ на Лори Андерсон

Штотуку ја слушнав прекрасната арија од 19. век од Масне која започнуваше: „О суверен…“ Тоа беше молитва до авторитет, што мислев дека е интересно, па почнав да пишувам: „О Супермен…“, објаснува Лори Андерсон

Гардијан

„Бев перформанс уметник без интерес за поп светот, но пријателите ме убедија да направам еден обид. Кога песната отиде на второто место во Велика Британија, моите пријатели ми рекоа дека се распродавам, но само неколку месеци подоцна од идиот станав визионер“

Американската Лори Андерсон е еден од најголемите пионери во авангардната рок музика. Нејзиниот албум „Големата наука“ од 1982 година направи вистинска револуција во светот на музиката. Електронската, наизглед, празна музика беше во целасна спротивност на панк и њу вејв револуцијата. Синглот „О Супермен“, објавен една година порано, се искачи на втрото место на топ-листата во Велика Британија. Тоа беше фасцинантен успех за плоча отпечатена во само 1.000 примероци.

 

Лори Андерсон, пејачка и композиторка

Во 1979 година, ирански студенти упаднаа во американската амбасада во Техеран. Америка тргна со хеликоптери за да ги извлече заложниците. Но, го направи лошо. Хеликоптер и авион се урнаа во пустина. Останавме со мртви тела, куп запалени остатоци и заложниците ги немаше никаде. Затоа, мислев дека ќе напишам песна за сето тоа и за неуспехот на технологијата.

Штотуку ја слушнав прекрасната арија од 19. век од Масне која започнуваше: „О суверен…“ Тоа беше молитва до авторитет, што мислев дека е интересно, па почнав да пишувам: „О Супермен…“ Текстот е едностран разговор, како молитва кон Бога. Звучи злокобно – но злокобно е кога ќе почнеш да зборуваш со власта. Ги споив злокобните и секојдневни слики: „Држи ме мамо во твоите долги раце, твоите петрохемиски раце, твоите воени раце“. Отсекогаш ни кажуваа дека Америка е татковината, за да се повикуваме на нашата љубов кон мама и тато, но навистина не е така. Го ставив и слоганот на американската пошта: „Ниту снег, ниту дожд, ниту ноќна темнина нема да ги задржат овие курири од брзото завршување на нивните назначени обиколки“.

Песната е заснована на намотана „ха ха ха ха“ направена на хармонизер, но сакав да биде како грчки хор – не само еден глас – затоа користев вокодер, кој првично беше развиен како шпионска технологија за прикривање гласови. Тоа одговараше на концептот.

Бев перформанс уметник без интерес за поп светот, но пријателите ме убедија да направам еден обид, првично по пошта. Отпечативме 1.000 примероци и јас поединечно го завиткав и го испраќав секој примерок. Потоа одеднаш Џон Пил почнал да ја пушта во својата радио емисија и една британска дистрибутивна компанија побарала 80.000 примероци. Ворнер брадерс доаѓаа на моите шоуа, но јас ги одбив нивните понуди. Но, кога прашав дали можат да печатат 80.000 плочи, ми понудија договор со осум албуми.

Кога песната отиде на второто место во Велика Британија, моите пријатели изведувачи ми рекоа дека се распродавам, но само неколку месеци подоцна терминот што се користеше беше „преминување“. Од идиот станав визионер. Само што ја вратив песната во мојот сет во живо кога се случи 11 септември. Луѓето велеа: „Не можам да верувам. Ти пееш за актуелните настани“. Реков: „Не е толку чудно. Ние сме во иста војна и нашите авиони сè уште се уриваат “.

 

Б. Џорџ, сопственик на независна издавачка куќа

Бев ангажиран од музејот Витни во Њујорк да им предавам уметност на учениците. Другата учителка, почнувајќи од истиот ден, беше Лори Андерсон. Тогаш таа беше уличен уметник и правеше работи како ставање лизгалки во големи блокови мраз и свирење на својата виолина стоејќи над нив.

Станав ко-директор на нејзиното шоу и ставив една од нејзините песни на „Ервејвс“, двоен албум издаден од мојата мала издавачка куќа, One Ten Records. Ја повикав Лори да го стави „О Супермен“ на мојата етикета. Добивме грант од National Endowment од 500 долари и таа ја сними во нејзиниот ходник бидејќи тоа беше најтивкото место што можеше да го најде. Ѝ предложив малку да ја забави за да биде подолга – заврши со осум минути – за да добивам повеќе авторски права ако се пушта на радио.

Набргу потоа, работев на една панк книга наречена Volume, која Џон Пил ја доби. Тој ме покани да го направам ова „Извештај од Њујорк“ во неговата емисија. Можев да пуштам што сакам, па затоа ја пуштив „О Супермен“. И тогаш, речиси преку ноќ, други британски диџеи почнаа да ја пуштаат. Им ја дадов на главните играчи во индустријата, од Ричард Бренсон до Крис Блеквел и Ахмет Ертегун – и сите тие ја отфрлија. Одеднаш сите ми ѕвонеа велејќи: „Би сакале да ја објавиме“. Набргу потоа, бев во Британија и таксист го препозна мојот глас и рече: ‘Ха ха ха ха ха ха…’“