Како го направивме | КАКО БЕА СОЗДАДЕНИ ВАЖНИ УМЕТНИЧКИ ДЕЛА (6)

Грејс Слик: Како ја направивме White Rabbit

„Џеферсон ерплејн“ на американската телевизија во 1968... (од лево на десно) Џек Кеседи, Спенсер Драјден, Грејс Слик, Јорма Кауконен и Марти Балин

Гардијан

„Ја напишав на пијано од 50 долари. Недостасуваа осум или 10 клавиши, но тоа беше во ред бидејќи во мојата глава можев да ги слушнам нотите што ги немаше“

Песната на групата „Џеферсон ерплејн“ од 1967 година White Rabbit (Белиот зајак) е веројатно најславната на оваа група од Заливот на Сан Франциско. И тогаш, а и денес, таа изгледа како апотеоза на халуциногените дроги и надреалниот свет во којшто живееја најголемиот број на музичарите во 1960-те и 1970-те. Во периодот на најголемата креативност на рок музика.

Изведбата на White Rabbit на легендарниот фестивал во Вудсток 1969 година е една од највпечатливите , која ги доведе до транс неколкуте стотици илјади млади луѓе. Грејс Слик, пејачката на „Џеферсон ерплејн“ и авторката на песната вели дека инспирацијата за неа е ликот на Белиот зајак од прослеванета книга на Луси Керол „Алиса во земјата на чудата“. Песната идеално се вклопи во познатото Лето на љубовта 1967 – спојот на контракултурата, хипи движењето и слободата на младите луѓе. Еве што велат авторите на песната за нејзиното создавање:

 

Грејс Слик, пејачка и текстописец

Сите бајки што им се читаат на малите девојчиња го прикажуваат шармантниот принц кој доаѓа и ги спасува. Но, „Алиса во земјата на чудата“ не. Алиса беше сама и беше на многу чудно место, но продолжи да оди и ја следеше нејзината љубопитност – тоа е Белиот зајак. Многу жени можеа да добијат порака од таа приказна за тоа како можете да ја поттикнете вашата сопствена агенда.

1960-тите ми личеа на Земјата на чудата. Како Алиса, запознав секакви чудни ликови, но се чувствував  удобно со тоа. Ја напишав White Rabbit на црвено исправено пијано што ме чинеше околу 50 долари. Недостасуваа осум или 10 клавиши, но тоа беше во ред бидејќи во мојата глава можев да ги слушнам нотите што ги немаше. Го користев тоа пијано за да напишам неколку различни песни. Кога почнав да заработувам, купив подобро.

Во 60-тите, дрогите не беа како хероин и алкохол што ги земате за да го уништите ужасниот живот, туку психоделици: марихуана, ЛСД и магични печурки. Психоделичните дроги ви покажаа дека постојат алтернативни реалности. Се отворате за работи кои се невообичаени и различни, и сфаќајќи дека постојат алтернативни начини на гледање на работите, станувате поприфатливи за работите околу вас.

Репликата во песната „нахрани ја главата“ е и за читање и за психоделика. Зборував за хранење на вашата глава со внимание: прочитајте некои книги, обрнете внимание.

Го слушнав „Болеро“ на Равел на радио и ме изненади, по ѓаволите. Ја сакам шпанската музика и инспирирана сум од нештата без разлика колку се популарни. „Болеро“ започнува со неколку инструменти, а потоа се додаваат уште. Чувството е како да се гради оргазам. И мојата песна е изградена на ист начин.

Песната е малку мрачна. Не вели дека сè ќе биде прекрасно. Црвената кралица извикува „одбиј со главата“, а „Белиот витез зборува наназад“. Луис Керол гледаше како се одвиваат работите и луѓето кои владеат со нас.

Ја пеев White Rabbit со The Great Society и „Џеферсон ерплејн“ ме замолија да му се придружам на бендот. Реков „доби!“ затоа што навистина ми се допаѓаше свирењето на Џек Кеседи – звукот на неговиот бас само ми ги симна чорапите. Песната е со F sharp, што е тешко за гитаристите, бидејќи бара сложено истегање на прстите, но [главниот гитарист] Јорма [Кауконен] и Џек се многу добри музичари, па можеа да се прилагодат на неа и да го направат тоа многу добро.

Родена сум во годината на зајакот и ми се случија секакви бели зајачки работи. Тоа е речиси вештерство. Имав пожар во мојата куќа – пред околу 20 години – единственото нешто што беше спасено беше керамички бел зајак. Сè уште имам керамички бели зајаци низ куќата и денес луѓето ми испраќаат бели зајаци.

White Rabbit носи хонорари повеќе од 50 години. Сè уште можам да си ги платам сметките од таа една песна. Сега тоа е добра песна!

 

Џек Кеседи, бас гитарист

Се преселив во Сан Франциско во 1965 година и имаше голем број бендови во Заливот, кои сите се познаваа меѓу себе, вклучувајќи го и Great Society, во кој Грејс беше дел. Една од причините зошто сакав да ја внесам Грејс во „Џеферсон ерплајн“ е тоа што таа отиде до работ на сцената за да ѝ пее право на публиката и да погледне право во тебе. Пред тоа гледав само момци кои го прават тоа. Акордските структури што ги напиша беа навистина интересни и ми дозволи да ги конструирам нејзините песни на поинаков начин.

Тешко е да се објасни колку беше невин почетокот на откривањето на дрогите пред луѓето да станат толку зависни од нив, или да им се промени животот или да донесат навистина лоши животни одлуки. Песната ја истражува наједноставната форма: идејата за земање психоделични дроги за да ве отвори и да ве направи поприемчив.

Сите земаа психоделици, но ние ретко свиревме со нив, не како што правеа момците од Grateful Dead. Кога го направив тоа ми стана малку премногу чудно – мојот бас се претвораше во трупец и растеше винова лоза, а јас че речев: „Морам да продолжам овде“. Но, тоа беше дел од опкружувањето во тоа време и White Rabbit го одразуваше тоа.

Секогаш е комплимент да се види колку песната е користена во филмовите. Тоа е затоа што ја слушате White Rabbit и веднаш сте вовлечени во нејзиниот свет – како да сте Алиса како паѓа низ огледалото.