Како Германија А.Д. играше руски рулет – и загуби

Комплицираните трговски врски на Германија со Русија вклучуваат многу повеќе од само природен гас. Парите се поважен елемент од историската обврска


 

БЕРЛИН – Непосредно пред да почнат да паѓаат бомбите, тоа беше најпосакуваниот билет во календарот на корпоративната Германија: чај со Владимир Путин. Годишниот собир во резиденцијата на претседателот во Сочи или во Кремљ им понуди на германските блу-чип извршни директори ретка можност да разговараат со рускиот лидер, да го слушаат неговиот став за меѓународните работи и, да, да разговараат за нивните сопствени компании со еден од најмоќните луѓе на светот.

Овогодинешниот состанок, планиран за почетокот на март преку видео беше откажан бидејќи Русија ја подготвуваше својата инвазија на Украина. Тоа што врвните директори од различни компании како „Фолксваген“ и „Метро“ (гигантот за готовина и превоз) беа подготвени пак да се дружат со Путин ја нагласува реалноста за комплицираните трговски врски на Германија со Русија: тие вклучуваат многу повеќе од само природен гас.

Додека Берлин уште еднаш се обидува да ги кочи сојузниците да стават ембарго на рускиот гас и нафта, повеќедецениското испреплетување на германскиот бизнис и руската политика се под зголемена лупа. Од особен интерес е притоа улогата на корпоративната Германија во спречувањето на напорите за спротивставување на руската агресија.

Надвор од гасот и нафтата, бизнисот на Германија со Русија го опфаќа опсегот од „мерцедес“ до мусли. Вкупната трговска размена со Русија минатата година изнесуваше 60 милијарди евра, што ја прави земјата најголемиот трговски партнер на Германија од поранешниот советски блок надвор од Европската унија, што е импресивен подвиг кога станува збор за нацијата која се соочува со санкции од Запад од 2014 година.

„Отсекогаш сте давале сѐ од себе за да ги поддржите руско-германските трговски и економски врски“, им рече Путин на своите германски посетители на нивниот состанок во Кремљ во 2016 година – и покрај, како што истакна, „познатите проблеми“.

Околу два месеци пред состанокот, руските сили беа обвинети дека намерно гаѓале цивили во воздушните напади во Сирија, каде што интервенираа за да го поддржат бруталниот режим на Башар ел Асад. Само две години претходно, Русија го анектираше Крим и започна сепаратистичка војна во источна Украина. Во април 2016 година, кога Путин се сретна со германските директори, „познатите проблеми“ беа многу како и телата.

„Оди на исток“

Решеноста на Германија да тргува со Русија во голема мека е дело на малку позната, но сепак влијателна организација позната како Ost-Ausschuss, која буквално се преведува како „Источен комитет“, но чија мисија е слична на надворешната асоцијација за трговија. Сместена над мала пекара и супермаркет на прометна улица во центарот на Берлин, групата служеше како примарна лобирачка рака на германскиот бизнис во Источна Европа откако беше основана во 1950-тите по наредба на Лудвиг Ерхард, германскиот министер за економија кој  ја направи повоената економска преродба на земјата. Дури и кога Германија се обидуваше да се ископа од урнатините на Втората светска војна, нејзините лидери видоа економска можност во новоформираниот источен блок и пошироко. Источниот комитет обезбеди трговски договори за Германија во 1950-тити со Романија и со Кина и во 1970-тите одигра централна улога во преговорите за договори за гас со Советскиот Сојуз.

По падот на Берлинскиот ѕид, „Оди на исток“ набргу стана победнички крик на германската индустрија додека инжинерите од економскиот мотор на Европа бараа нови пазари и евтина квалификувана работна сила за да ги одржат производствата. Од падот на Берлинскиот ѕид, германската трговија со поранешниот источен блок експлодираше, трансформирајќи го регионот, предводен од Полска и Чешка, во работилница на Германија и столб на нејзиниот просперитет.

Следна голема работа

А потоа дојде Русија. Со население од 144 милиони и површина четири пати поголема од онаа на ЕУ, а да не ги спомнуваме огромните природни ресурси, Русија беше светиот грал на Германија А.Д. – а од неодамна и нејзиниот затруен пехар.

Германските лидери долго време го опишуваа ангажманот на земјата со Русија како историска обврска. Крвавата историја на Германија од Втората светска војна со Советскиот Сојуз, за ​​време на која загинаа повеќе од 25 милиони советски граѓани, германските политичари често ја наведуваа како причина за нивното прифаќање на идејата дека продлабочувањето на трговските врски може да ги трансформира билатералните односи и да ги либерализира авторитарните општества. Сепак, обемот на германските инвестиции во Русија и подготвеноста на компаниите да ги држат бизнисите таму и покрај угнетувањето од страна на Москва врз сопствените граѓани и агресијата кон соседите и другите, главната причина за посветеноста на Германија А.Д. на Русија е поочигледна: парите.

Севкупно, Русија учествува само со 2,3 отсто во германската трговија. Иако тоа не е многу во поголемата шема на нештата, скромниот обем на трговија, исто така, помага да се објасни континуираната привлечност на Русија за германскиот бизнис. За германската индустрија, Русија отсекогаш ветувала дека ќе стане следната голема работа – и Германците би сакале да бидат таму. Уште повеќе, силното присуство во Русија еден ден може да ја отвори можноста за создавање директни врски од таму со Кина, претворајќи ги фантазиите за беспрекорен „евроазиски“ економски простор во реалност.

По пристапувањето на поранешните земји од Варшавскиот пакт во ЕУ во раните 2000-ти, Источниот комитет – чии речиси 350 членови го вклучуваат инженерски конгломерат „Сименс“, хемискиот производител БАСФ и индустрискиот гасен гигант „Линде“ – ги насочи своите напори на помагање на германскиот бизнис да го искористи рускиот пазар.По децении комунистичко владеење на трошната руска економија ѝ требаше она што Германија го прави најдобро: машини и софистициран инженеринг за да ја модернизира својата економија.

Над 3.600 германски компании – од гигантот за производи за домаќинство „Хенкел“ до производителите на автомобили БМВ и „Мерцедес“ – отворија продавници во земјата. Според „Бундесбанк“, германскиот бизнис има околу 25 милијарди евра инвестиран капитал во Русија. И покрај санкциите на Западот против Русија, бизнисот беше добар за многу германски компании. БМВ забележа скок од 10 отсто во продажбата на автомобили само минатата година, на пример.

Западните бранители

Доколку Путин се спротивставеше на поривот да ја нападне Украина во 2014 година, германските инвестиции речиси сигурно би биле значително повисоки. Наместо тоа, Германците мораа да маневрираат во некои области, вклучително и  со машините, поради кинеските конкуренти кои не мора да се грижат за прекршување на санкциите.

Откако достигна врв од 81 милијарда евра во 2012 година, германската трговија со Русија падна на само 48 милијарди евра во 2016 година како резултат на санкциите. Германскиот извоз во Русија сочинува нешто помалку од половина од вкупниот трговски обем, додека германскиот увоз на руска енергија сочинува околу една третина.

Драматичниот пад на руско-германската трговија помага да се објасни зошто многу германски директори, желни да ги свртат работите, не само што замижуваа пред она на што сакаше Путин, туку станаа и некои од неговите најгласни западни бранители. Само неколку дена по илегалната анексија на Крим од страна на Русија во пролетта 2014 година, тогашниот главен извршен директор на „Сименс“, Џо Казер, редовен член на Источниот комитет, отпатува во Москва за да се сретне со Путин. Од моментот кога беа воведени првите санкции кон Русија, по соборувањето на малезискиот патнички авион во кој загинаа околу 300 луѓе, германскиот отпор кон преземањето понатамошни дејствија беше очигледен.

Кога земјите на ЕУ првпат одлучија да ги продолжат своите санкции против Русија во 2015 година поради анексијата, тогашниот претседател на Источниот комитет, Екхард Кордес, го искажа своето разочарување во интервју за весник, велејќи дека „посакува многу повеќе храброст од страна на лидерите на ЕУ да се движат во насока на Русија“.

На почетокот на 2016 година, токму кога Русија бомбардираше делови од Сирија до урнатини, новиот претседател на Источниот комитет, Волфганг Букеле, се заложи за прекин на санкциите против Москва. „Мораме да помогнеме да се извлече Русија од изолација“, рече Букеле, кој беше и главен извршен директор на „Линде“, која има значителни инвестиции во Москва.

Во исто време, Источниот комитет беше силен поборник на „Северен тек 2“, контроверзниот проект за гасовод под Балтикот меѓу Русија и Германија. Навистина, проектот беше толку приоритет за групата што кога рускиот опозициски политичар и критичар на Путин, Алексеј Навалн, беше отруен со нервен агенс во 2020 година, претседателот на Источниот комитет Оливер Хермес предупреди на дополнителни санкции.

„Не можеме да дозволиме овој случај да се развие во долгорочно заострување на нашите билатерални односи и дополнително да ги ограничи германско-руските економски врски“, рече тој, додека рускиот опозициски лидер се бореше за својот живот во болница во Берлин.

„Почитуван Сергеј“

Покрај нејзините активности во Берлин, уште една важна станица за Источниот комитет беше Минхен, каде што групата ја искористи својата огромна мрежа во германскиот бизнис за да ја поттикне проруската агенда на Минхенската безбедносна конференција (МБК), годишниот собир на американските и европските политички лидери, безбедносни службеници и деловни директори.

Минхенскиот форум, иако е основан како безбедносен форум за западната алијанса, од крајот на Студената војна се обидува да поттикне поголем дијалог со Русија (Токму во  Минхен во 2007 година  Путин одржа значаен говор во кој ги нападна САД и извести дека Русија се оддалечува од Западот.). Русија вообичаено испраќа голема делегација на настанот, составена од владини претставници, вклучително и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, како и истакнати деловни директори како Алексеј Мордашов, претседател и контролен акционер „Северстал“, што е најголемата компанија за челик и рударство во земјата. Мордашов, според „Форбс“, е најбогатиот поединец во Русија, со богатство од речиси 30 милијарди долари. Секако, голем број членови од висок профил на Источниот комитет – вклучувајќи ги „Сименс“, „Линде“, БАСФ, „Алијанц“ и „Дојче банк“ – исто така беа поврзани со Mинхенската конференција.

Казер, кој се пензионираше минатата година како извршен директор на „Сименс“ и кој е редовен на состаноците на Источниот комитет со Путин, служи како претседател на советодавниот совет на Mинхенскиот безбедносен форум. Таму му се придружуваат колегите ветерани од Источниот комитет, претседателот на Дојче банк, Пол Ахлајтнер, главниот извршен директор на „Алијанц“, Оливер Бате, и претседателот на „Линде“, Волфганг Рајцле. Член е и Герман Греф, шеф на руската Сбербанк. Навистина, врските меѓу Источниот комитет, MБК и спонзорите на конференцијата се толку обемни што е тешко да се каже каде завршува едната, а каде започнува другата група. Уште повеќе, нивните ставови за Русија беа практично идентични.

„Визиите за стратешка соработка со Русија заслужуваат повеќе внимание“, напиша Волфганг Ишингер, долгогодишниот претседател на МБК во 2018 година. Ишингер, кој таа година на публиката на конференцијата и го претстави Лавров како „Драг Сергеј“, исто така повика на визна либерализација за Русите. „Украинците ја уживаат оваа привилегија, па зошто да не ги вклучиме и Русите?“- праша тој.

Врв на учеството на Источниот комитет во МБК во последниве години беше специјалниот појадок на кој присуствуваа Лавров, како и високи германски претставници и извршни директори. Во 2019 година, тогашниот министер за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, се приклучи на собирот како и Мордашов. Сепак, рускиот челичен магнат веројатно нема да се врати наскоро, имајќи предвид дека тој се соочува со санкции од Западот како резултат на неговата блиска поврзаност со режимот на Путин.

Русија одлучи да ја прескокне MБК оваа година, што се одржа само неколку дена пред нападот на Украина на 24 февруари. На последниот собир во 2020 година, претседателот на Источниот комитет Хермес ги охрабри своите гости да ја направат реалност визијата на Путин за зона за слободна трговија од источниот дел на Русија до Атлантикот.

„Ако сме разделени, ниту ЕУ ниту Русија нема да успеат да најдат корисен противотров за поделбата на светот меѓу Кинезите и Американците“, предупреди тој.

Крај на случајот

Оваа година требаше да биде славеничка, да се одбележи 70-годишнината на Источниот комитет. Наместо тоа, членовите се трудат да објаснат како згрешиле толку со Русија – ако  зборуваат воопшто. Портпаролот на организацијата одби да коментира за овој напис. Хермес, претседавачот, беше на одмор и недостапен.

Откако започна сеопфатната инвазија на Москва на Украина во февруари, германските компании се под значителен меѓународен притисок да ги затворат своите руски операции. Иако многумина го направија тоа, други, вклучувајќи го „Хенкел“, најпознат како производител на детергент за перење „персил“, и „Метро“, ​​синџирот супермаркети на големо, досега одбија.

Кон крајот на јануари, комитетот одржа виртуелен новогодишен прием со Мануела Швесиг, премиерка на Мекленбург-Западна Померанија, германската регионална покраина каде што е седиштето на „Северен тек 2“. Таа му се заблагодари на Комитетот за цврстата поддршка во отпорот на американските санкции против проектот, нагласувајќи дека „критичниот дијалог и економската размена со Русија“ мора да продолжат. Тие надежи исчезнаа со руската инвазија. Швесиг, кој некогаш се сметаше за можна кандидатка за канцелар на социјалдемократите, сега е персона нон грата во некои средини. Нејзиниот сакан „Северен тек 2“ е мртов, како и сонот на германската индустрија за градење нови богатства во Русија.

Источниот комитет, од своја страна, наеднаш ја смени својата мелодија. Групата ја осуди руската инвазија и ја пренасочи својата целосна поддршка зад западните санкции. Неговата  веб-страница сега е море од украински знамиња. И нема веќе чај со Путин. (Политико)