Како да му се помогне на стопанството, а да не издише Буџетот?


Предложениот максимален износ на новото задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал - еврообврзница во износ до 800 милиони евра ќе обезбеди финансиски средства за буџетска поддршка на Македонија во 2020 и 2021 година и за рефинансирање на обврските

Додека траат дебатите дали се доцни со мерките за спас на стопанството и колку се (не)реални барањата на коморите, претседателот Стево Пендаровски алармираше дека Македонија ќе мора да позајми 500 до 700 милиони евра за да се справи со последиците од корона вирусот врз стопанството.

„Луѓе маф ни е работата, ситуацијата во економијата е многу лоша. Се плашам дека многу брзо ќе ни требаат многу пари бидејќи стопанството е на колена“, драматично порача синоќа претседателот Пендаровски во интервју на ТВ „Телма“, повикувајќи ги политичките партии да се обединат и да направат заедничка државна стратегија.

Тој додаде дека според Светска банка во првиот квартал од годинава растот ќе биде 0,6 до еден отсто, наспроти претходните процени од 3,5 и 3,8 отсто. Работите можат да се влошуваат, што не исклучува рецесија, ако не се преземе нешто.

Проблемот е во тоа што Собранието е распуштено, а можностите на техничката Влада се ограничени – не може да се носат закони, не може да се предлага ребаланс на Буџетот, или земјата да се задолжи кај меѓународните финансиски институции, бидејќи за тоа е потребен закон донесен од Собранието. Но, ако се прогласи вонредна состојба, во тој случај Владата може да носи уредби со законска сила.

Ограничен маневарски простор

Прашањето кое се наметнува е како да се спаси стопанството, а истовремено да не издише Буџетот? Маневарскиот простор за дополнително задолжување на земјава е прилично ограничен. Јавниот долг изминативе две ипол години е стабилизиран на нешто под 50 отсто од БДП, но треба да се има во предвид дека наредните години стигнуваат за враќање неколку стотици милиони евра кредити кон странските доверители. По изборите, кои сега се веќе одложени, беше предвидено издавање нова еврообврзница. Поради огромниот раст на јавниот долг во периодот до 2016 година просторот за ново задолжување е ограничен, без да се пречекори опасната граница на средно во високо задолжени земји. Како ќе се спакува ваквиот финансиски пакет е прашање со многу непознати.

Од друга страна, стопанствениците алармираат. Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески деновиве изјави дека македонското стопанство се наоѓа пред најголемиот предизвик досега. Интерните анкети на комората покажале дека состојбата меѓу компаниите е демотивирачка зашто недостасува предвидливоста како клучен фактор за бизнисот, рече Азески за МИА, посочувајќи дека во вакви услови треба да бидат избалансирани степенот на барањата на компаниите и реалната можност на државата да одговори на нив. Искуствата од досегашните кризи низ кои сме поминале зборуваат дека мора да се спасат компаниите зашто со тоа се спасува државата“, вели тој.

Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека бизнисот во земјата почна да го чувствува ефектот од глобалниот проблем со корона вирусот уште со избивањето на епидемијата во Кина.

„Нашите бизниси кои увезуваат од Кина веќе долго време се соочуваат со доцнење на набавките бидејќи пристаништата во Кина, но и фабриките на произведувачите не работеа. Во меѓувреме, Италија се соочува со ескалација и од минатата недела има рестрикции за движење на луѓе меѓу градови. Тоа што е проблематично за нашите бизниси е фактот што во Италија има зголемена побарувачка за прехранбени производи, и по рестрикциите за движење на луѓе, произведувачите немаат капацитети да ги задоволуваат во целост потребите на странските компании“, велат од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Од таму додаваат дека увозот во јануари во споредба со декември 2019 година според официјалните податоци забележал пад од 27 отсто и дека овој тренд во меѓувреме се влошил уште повеќе.

„Сметаме дека следниот период ќе биде клучен за бизнисите во земјава и се надеваме дека ширењето на заразата ќе забави. Се повеќе држави ги затвораат границите со Италија за патници, но стоките ќе може да се движат, велат од комората за Независен.мк.

Во однос на мерките за помош на фирмите, велат дека иако примарна дејност и активност на комората е бизнисот и економијата, сепак сметаат дека приоритет треба да биде безбедноста на граѓаните и фокусот на државата треба да биде во таа насока.

„Но, исто така, економскиот аспект и социјалната благосостојба е битна, особено во вакви ситуации. Сметаме дека бизнисот има важна улога во турбулентни периоди и бизнис заедницата треба да се поттикне и да се помогне од страна на Владата и институциите. Затоа ние како комора идентификувавме мерки за даночни олеснувања и за поддршка на бизнисот, кои треба да се преземаат од страна Владата како што се: Покривање на придонесите за плати; Одложено плаќање на ДДВ од страна на правните субјекти; Суспендирање на сите кредитни плаќања и хипотеки за период од минимум 3 месеци; Основање на Фонд кој ќе се справи со економските последици од корона вирусот; Стимулирање на производните капацитети за производи кои се увезуваат во Македонија, и многу други“, велат од комората.

Барањата на коморите 

Четирите комори, Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија, МАСИТ и Сојузот на стопански комори упатија заедно барања до Владата, кои меѓу економистите не наидоа на целосна поддршка. Дел од нив сметаат дека во барањата не се земале во предвид реалните можности на државата.

Предлогот на коморите во секој случај е на маса: даночни олеснувања, субвенционирање на платите за сите вработени додека траат превентивните мерки, субвенции на трошоците на компаниите за бруто плати за сите кои се отсутни од работа – хронично болни и родители на деца под 10 години, исплаќање нето плати без придонеси без да се блокираат сметките и без казни за работодавачите ако некоја фирма не може да исплати цела плата, намалување на придонесите за сите вработени од најмалку 50 отсто додека трае кризата поради намален ефективен фонд на часови… Стопанствениците бараат и одложување на даночните обврски во секторите и фирмите погодени од корона вирусот, концесиите кон државата да бидат намалени додека трае кризата, мораториум на месечните аконтации за данок на добивка и обврските за ДДВ додека трае кризата, субвенционирање на персоналниот данок и данок на личен доход за сите вработени, намалување на данок на личен доход за период од 3 месеци, поврат на ДДВ да се врши со зголемена динамика, потоа намалување на акцизата за нафтени деривати и алкохол до 50 отсто, плаќањата кон домашните компании да имаат приоритет, да се продолжат роковите за изведба на потпишаните договори, намалување на комуналната такса, како и пристап до финансии и дефинирање посебни мерки за секторите од посебно значење и тн.

Oд Владата велат дека се во постојана комуникација со бизнис секторот, како и дека економските ресори во Владата ги прават неопходните анализи. „Апсолутно сме во тек со сите состојби“, велат од таму.

Деновиве во настап на дебатните тв емисии вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска навести дека постојат неколку сценарија и во зависност од тоа како ќе се развиваат работите, ќе бидат дизајнирани и мерките. Денес за во десет часот е најавена и прес конференција.

Во меѓувреме, Народната банка, ја намали основната каматна стапка на 1,75 проценти, а утринава донесе уште неколку мерки со кои ги намалува трошоците за деловните банки и отвора простор тие да даваат поповолни кредити на фирмите.

Во повеќе анализи на новински агенции меѓутоа, се вели дека можностите на монетарната политика во вакви кризи се ограничени, и во основа се сведуваат на намалување на основната каматна стапка. Во меѓународни рамки, како што посочи во една анализа агенцијата „Блумберг“, се вели дека со оглед дека тие стапки се веќе на историски најниско ниво, некаде и нула, се лимитирани, а натамошното задолжување на државите може да предизвика дополнителни проблеми имајќи во предвид дека нивото на задолженост кај многу земји е веќе во опасната зона. Затоа, повеќе простор има фискалната политика.

Веројатно, некои од овие анализи треба да се имаат предвид и кај нас, со оглед на висината на јавниот долг и ануитетите што стигнуваат за плаќање оваа и наредните две-три години.

Колку е драматична ситуацијата покажуваат и движењата на Македонската берза. По нагорниот тренд во подолг период, изминатите десетина дена присутна е огромна нервоза на пазарот на капитал и кај нас. Така, во четвртокот беше регистриран вториот по големина пад на берзанскиот индекс МБИ10, а завчера тргувањето беше стопирано на еден час. Вчера, пак, веќе стапија на сила нови правила за тргување, кои треба да овозможат побрза реакција на пазарот. (М.Ј.)