Какаото поскапо од бакарот, цената надмина 9.000 долари за тон, поскапеа и велигденските чоколада


Какаото на њујоршката берза за еден ден поскапе за повеќе од 700 долари за тон и неговата цена надмина 9.000 долари за тон, па беше поскапо од бакарот.

Како што пренесува Блумберг, фјучерсите на какаото во Њујорк дополнително се зголемија по веста за финансиски проблеми во Гана, вториот најголем светски производител на оваа суровина.

Какаото само овој месец поскапе за околу 60 отсто, а цените годинава се зголемени повеќе од двојно поради лошите временски услови и болестите на земјоделските култури.

Трговците се загрижени за последиците од климатскиот феномен Ел Нињо, кој предизвикува суши во Западна Африка, област каде што се произведуваат 75 отсто од оваа суровина, клучна за производство на чоколадо.

Какаото се произведува првенствено во Гана и Брегот на Слоновата Коска.

Велигденските чоколадни јајца веќе поскапеа поради повисоките трошоци за какао, а некои производители ја намалуваат големината на слатките или промовираат задоволства со други состојки за да го ублажат поскапувањето, пренесува Yahoo Finance.

Какаото е повеќе од двојно поскапено во текот на изминатата година, па производителите на чоколади не можат да си го дозволат тоа и се потпираат на преработувачи кои можат да ги претворат зрната во путер и ликер, кои можат да ги користат за правење чоколадо.

Преработувачите, како што е една од најголемите државни фабрики од Брегот на Слоновата Коска, истакнуваат дека не можат да купат зрно поради високата цена.

Според изворите, повеќе големи државни фабрики наскоро би можеле да бидат затворени во Брегот на Слоновата Коска, каде што се наоѓа речиси половина од светското производство на какао.

Повеќето од осумте фабрики на вториот по големина производител во Гана, вклучително и државната компанија за преработка, постојано ја стопираа работата со недели од почетокот на сезоната во октомври, пренесува Ројтерс.