Кај младите што починаа од КОВИД-19, главен ризик фактор беше гојазноста, вели д-р Докиќ
Главен фактор кај младите што починале од КОВИД-19 била гојазноста, изјави вечерва пулмологот д-р Дејан Докиќ.
Во гостување во Тема на денот на Сител, д-р Докиќ, одговарајќи на прашањето зошто многу лица починаа од корона вирусот, рече дека секој од нас не знае каков имунолошки систем крие.
„Не е нешто што можете рутински да го испитате, со земање на крв и дали вие сте отпорни кој некои вируси или бактерии. Kај младите што починаа, гојазноста или обезноста, беше еден од факторите кои што укажаа дека е ризик фактор“, рече д-р Докиќ.
Исходот на болеста кај било кој од пациентите зависи од нивниот имунолошки одговор и нивниот имунолошки систем.
„Не секогаш се видливи одредени мали промени, дефекти во имунолошкиот систем, кој што се многу важни во вакви епидемии. Од 24-ти октомври до 24-ти април, 80 проценти од вкупното население, од сите позитивни случаи, се токму во овој период, што говори за силината и јачината на вториот бран. Седумдесет проценти од сите смртни случаи од корона, од 24-ти април, исто така се должат на вториот бран“, рече Докиќ, додавајќи дека со британскиот сој, шансите за заразување биле од 40 до 70 проценти поголеми.
„Сето тоа во комбинација со проблемите што секоја индивидуа ги има е причина за поголемата смртност“, потенцира д-р Докиќ во гостувањето на Сител.