Кацарска за работата на Уставниот суд: Укинавме законски одредби, ДУП-ови, правилници…


Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, ги соопшти денес резултатите од работата во изминатата година , нарекувајќи ја –  динамична и плодна.

Откако спомена дека во Уставниот суд сеуште недостасува еден судија и дека пред неполн месец Собранието го избра осмиот судија, таа порача дека некомплетирањето на судискиот состав имаше тенденција да се одрази врз нивната работа, но успеале да изменаџираат и тоа да има најмало можно влијание, наспроти тоа што „некој би сакал“.

-Не само што работевме со кусок на судии, бевме мотивирани да вложиме дополнителни напори и ги надминавме и сопствените проекции. Така, годината што изминува ја одбележаа рекорден број на седници- 46, што не било случај во последните 22 години. Ова се податоци од електронската евиденција што ја води Уставниот суд од 2001 година, а има индикации дека немало толкав број на седниици и претходно. До денеска се примени 210 иницијативи во Уставниот суд и оваа бројка отскокнува од просекот во изминатите 5 години кој се движи меѓу 130-170, ако се исклучи 2020-та година кога поради Ковид-пандемијата беа оспорени стотици Уредби на Владата кои што се однесуваа на преземените мерки.

Оваа бројка од 210 нови иницијативи и уште 7 барања за заштита на слободи и права е векторот што нам ни носи информација дека граѓаните се се’ повеќе информирани за Уставниот суд и стануваат свесни за неговата улога и значење во нашиот правен поредок.Најголемиот број од иницијативите или околу 60 % се пристигнати токму од граѓани од целата држава, или уште попрецизно, имаме примено 127 иницијативи од граѓаните. Точно 15 предмети се оформени по иницијатива на различни општини, 7 предмети се иницирани од политички партии, а 18 се на иницијатива на здруженија на граѓани и слично, рече Кацарска.

Таа исто така нагласи дека Уставниот суд по сопствена иницијатива отворил пет предмети само годинава, што е значително висока бројка, ако се земе предвид дека во последните 22 години, имало вкупно 12 поведувања на постапки, отворени самоиницијативно.

-Уставниот суд изминатите 12 месеци вложуваше максимални напори и реши 186 предмети, а во оваа насока значајно е да се потенцира дека меѓу нив се предмети кои биле формирани последните пет години, што значи Уставниот суд годинава реши околу 30 предмети коишто останале од други судии и од мандатот на претходните двајца претседатели. Најстариот предмет што е решен оваа година е од 2018-та година.

Уставниот суд донесе 25 одлуки со кои беа укинати 9 одредби од закони. Дел од нив беа проследени со голем интерес во медиумите и јавноста, како што е укинувањето на член од Законот за Судски совет со којшто се ограничуваше претседател на Судскиот совет да биде избран само од членовите избрани од Собранието, а не и од редот на судиите, потоа членови од Законот за плати и надоместоци на избраните и именувани лица, повеќе одредби од Законот за градење, членови од Законот за средното образование со кои се правеше дискриминација на средношколците од приватните училишта при користењето на јавен превоз итн.Со 12 одлуки се укинати други акти и прописи како што се Одлуки за донесување на ДУП-ови, Правилници и слично.Судот во 4 случаи одлучи да поништи акти, како што е на пример Упатството за водење на матичните книги, Правилник за авторски надоместоци на ЗАМП со кој домашни музичари посочуваа на ретроактивна исплата на надоместоци на нивна штета и со бодови пониски од претходно пресметаните.

И во периодот којшто доаѓа се очекуваат конечни одлуки по предмети важни за граѓаните, ако го земеме во предвид фактот дека се чека исход на уште 14 предмети за кои е поведена постапка.Да сумирам, Судот изразил сомнеж за неуставност преку 37 решенија со коишто во 2023 година се поведе постапка.Во 65 случаи Уставниот суд оценил дека актите се во согласност со законите и Уставот, а донесени се и 84 решенија за отфрлање на иницијативи или барања, поради разни основи како што е ненадлежност, веќе пресудена работа и слично.

Најголем предизвик за сите нас остануваат барањата за слободи и права на граѓаните. Годинава пристигнати се 7, решени се 15-вклучувајќи ги и оние од пред 2023 година, а утврдена е повреда само во случајот кај новинарот од Фокус, кој сметал дека со пресудите од Граѓанскиот и Апелациониот суд, му е направена повреда на неговата слобода на изразување на мислата за време настаните од 27 април 2017 година, рече Кацарска.

Таа го покрена и прашањето за уставна жалба:

-Оваа 2023 година не’ донесе до заклучокот дека итно ни е потребно воведување на уставна жалба за граѓаните.Ова е порака до политичарите, апел до сите политички партии и пратеници, овозможете им на граѓаните за сите слободи и права да се обратат до Уставниот суд, наместо правдата да ја бараат во Стразбур, нешто коешто ја чини државата и даночните обврзници парични средства, но и нарушен углед.Граѓаните ќе ги препознаат заложбите, затоа што уставна жалба значи дека секој да ги ужива сите права од Уставот и да бара да му се заштитат пред Уставниот суд кога e сторена повреда, без оглед на политичка, етничка или било која друга припадност.Поддршка добивме од претседателот на државата Стево Пендаровски, а министерот за правда Кренар Лога преку медиумите изјави дека ја поддржува идејата за уставна жалба. Не треба да се пропушти да се каже дека и дел од меѓународните претставници изразија поддршка за воведување на овој правен инструмент.Се надевам дека сите останати чинители во Република Северна Македонија ќе дадат еден сериозен пристап на прашањето за воведување на уставна жалба, порача Кацарска.