Јеремиќ: Гренел работи на конечното решение за Косово


Претседателот на Центарот за меѓународни односи и одржлив развој (ЦИРСД) и лидер на опозициската Народната партија (НС), Вук Јеремиќ, изјави дека Русија и дала клучна поддршка на Србија на меѓународната сцена по прашањето за Косово и потсети дека во 2008 година заканата на Русија со вето го спречи Советот за безбедност на Обединети нации да ја одобри декларацијата за независност донесена во Приштина.

– Американскиот претседател Доналд Трамп го назначи својот специјален пратеник за преговори, Ричард Гренел, кој работи со властите во Белград и во Приштина на конечно решение, а има многу индикации дека тоа вклучува и размена на територии, промена на српските граници и членство на Косово во Обединетите нации, изјави Јеремиќ во дискусијата во рамките на „Корона дијалог“, инициран од ЦИРСД.

Јеремиќ го праша професорот Сергеј Караганов, декан на Факултетот за меѓународна политика и економија во Москва, дали Русија ќе го поддржи членството на Косово во Советот за безбедност на ОН, ако Србија се согласи на поделба и потпише сеопфатен договор за нормализација на односите.

Караганов одговори дека САД и Европа го изгубиле интересот за Балканот, без оглед на изјавите што може да се слушнат во јавноста и дека „веродостојноста на Американците сега не е на нула, туку е во минус, така што одлуката е на Србија“, соопштија од ЦИРСД.

– Русија ќе ја поддржи Србија и во двата случаи. Ние не се мешаме и строго ги почитуваме прашањата за националниот суверенитет и тоа е нашиот врховен принцип во меѓународните односи, кажа Караганов.

Тој исто така оцени дека ако Србија се сврти кон НАТО, ќе ја изгуби поддршката на Русија и својот национален дух, како и дека Русија извршила морално злосторство и најголемата грешка во надворешната политика во претходните 20 години кога се согласила на бомбардирањето на НАТО на СР Југославија.

Караганов додаде дека Русија во последните 15 години „драматично се променила и се свртила кон Евроазија“ и дека ЕУ сега „не е сигурен и ефиктивен партнер“, додека Русија е заинтересирана за добри односи со повеќето членки на ЕУ.

Караганов е поранешен советник на рускиот претседател Владимир Путин и основач на меѓународниот клуб за дискусии „Валдај“ и на публикацијата „Русија во глобалната политика“, како и почесен претседател на Рускиот совет за надворешна и одбранбена политика.