Јавна расправа за нова градинка во Драчево


Илустрација

Јавна расправа за информирање на граѓаните и сите засегнати страни за изградба на нова градинка денеска се одржа во Општина Кисела Вода. 

Министерството за труд и социјална политика на расправата го презентираше проектот „Првична ограничена оцена на влијание врз животна средина и социјални аспекти за изградба на нова градинка“ во Општина Кисела Вода во рамки на Проектот за подобрување на социјални услуги (ППСУ Проект).

Како што соопшти Општина Кисела Вода, беше презентиран и основниот проект за надградба на градинка за кој Општината доби грант финансиран од Светска банка.

– Сместувачките установи за згрижување деца од претшколска возраст и нивните капацитети не ги задоволуваат потребите на граѓаните на цела територија на државата, што е и причинител за нискиот процент на згрижени деца од претшколска возраст. Имајќи ги предвид ваквите податоци, Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска Банка почна со реализација на проект за унапредување на социјални услуги, со кој се предвидува зголемување на капацитетите на постоечките установи преку нивна реконструкција, доградба или изградба на нови објекти, соопшти Општина Кисела Вода.

Општина Кисела Вода, како што се наведува, аплицираше со проект за изградба на модерна, енергетски ефикасна градинка во урбаниот дел на Општина Кисела Вода, во населбата Драчево. Локацијата предвидена за изградба има површина од 600 квадратни метри и се предвидува да се сместат 125 деца.

– Со реализација на предвидените проектни активности за кои општината го доби грантот, финансиран од страна на Светска  банка ќе се овозможат поквалитетни услови за згрижување на децата, како и зголемување на сегашните капацитети во населба Драчево, се вели во соопштението од Општина Кисела Вода.