Јапонија: Машиновозач ја тужел компанијата заради намалување на платата за 40 центи


Машиновозач во Јапонија ја тужел компанијата во која работи откако му одзеле 56 јени (40 евроценти) од платата поради краткотрајно доцнење на железничкиот сообраќај во земја која е позната по својата точност.

Џеј Ар Вест ја намалила платата на вработениот поради инцидент во јуни во кој возовите доцнеле една минута.

Во образложението на компанијата се наведува дека на возачот му било одземено од платата бидејќи не работел во таа минута.

Сега машиновозачот бара отштета од 2,2 милиони јени (околу 16.800 евра) поради психичките проблеми што наводно му ги предизвикал овој случај.

Јапонскиот сајт Soranjuz24 објави дека машиновозачот требало да вози празен воз до станицата Окајама на југот на земјата, но пристигнал на погрешна платформа чекајќи да ја преземе смената од колега.

Но, кога сфатил дека згрешил, побрзал на десната платформа, примопредавањето на смената доцнело две минути, а тоа потоа довело до една минута доцнење на тргнувањето на возот од перонот.

Поради сето тоа сместувањето на возот во депото доцнело една минута.

Џеј Ар Вест првично ја намалила платата на вработениот за 85 јени (0,64 центи), но подоцна ја намалила казната на 56 јени бидејќи машиновозачот го пријавил случајот во трудовиот инспекторат Окајама.

Вработениот одбил да ја прифати казната и тврди дека доцнењето не предизвикало вистински нарушувања во возниот ред, ниту пак им донело проблеми на патниците бидејќи возот за време на инцидентот бил празен.

Но, компанијата тврди дека го применила принципот „нема работа, нема плата“, како што би било во случај вработен да доцни на работа или заради неоправдано отсуство.

Возачот го пријавил случајот до Окружниот суд во Окајама во март, каде што сега бара отштета.

Познато е дека јапонскиот железнички сообраќај е многу сигурен.

Во 2017 година, железничката компанија им се извини на патниците затоа што еден од нејзините возови ја напушти станицата 20 секунди порано.

А ако возот доцни повеќе од пет минути, на патниците им се издава потврда што можат да ја користат како изговор за доцнење.