Јаневска во интервју за РСЕ: Не е можно трајно вработување на образовните асистенти

Министерката за образование Весна Јавевска смета дека не може да се исполни барањето на родителите на децата со атипичен развој за трајно вработување на образовните асистенти, затоа што потребите во училиштата се, како што вели, променливи. Дел од родителите јавно посочуваа дека со честите промени на образовните асистенти се создава ризик за регрес во образовниот процес на нивните деца.
– Министерството, кое е надлежно за ресурсните центри кои што ги објавуваат конкурсите за образовни асистенти, комуницира, е во контакт и врши одреден надзор. Но, сепак, родителите треба да знаат дека најпрво училиштата пријавуваат колку образовни асистенти им се потребни. За тоа треба време, прво да се запишат децата, па училиштата да утврдат колку деца имаат со посебни образовни потреби за да можат да пријават до ресурсниот центар – појаснува Јаневска.
Образовните асистенти не се трајно вработени, затоа што потребите за образовни асистенти секоја година се менуваат, па ако се зголеми потребата се зголемува и нивниот број.
Јаневска додава дека понекогаш родителите ги мешаат образовните асистенти со личните асистенти, а тоа не е така, затоа што личен асистент е сосема поинаква функција.
– Не е можно трајно вработување на образовните асистенти, затоа што бројките и потребите се променливи. И нема, како во минатото, да давам лажна надеж дека тоа утре ќе го решиме. Ако во иднина се појави можност дел од нив трајно да се вработат, со задоволство тоа ќе го прифатам – вели Јаневска.
Сега се ангажирани 1.876 образовни асистенти за основно образование, а за средно образование предвидени се околу 150 асистенти и обезбедени се средства за нив.