Јаков Јозиновиќ пред концертот во Скопје го посети Крушево: Тоше ми беше идол во секој поглед


Регионалната сензација, хрватскиот поп-пејач Јаков Јозиновиќ вечерва ќе настапи пред преполна сала во Скопје, откако беше објавено дека концертот во СЦ „Јане Сандански“ е целосно распродаден.

Во пресрет на својот прв настап пред македонската публика, Јозиновиќ  вчера пристигна во македонија, а вчера го посети Крушево, родниот град на Тоше Проески.

Тој на својот Инстаграм, објави фотографии од спомен-куќата на нашата поп-ѕвезда, кого во повеќе наврати го има наречено свој идол.

„Тоа се огромни комплименти што ми значат. Тоше е човекот од кого научив како е да се биде добар човек, покрај тоа што беше еден од моите примери да учам и за музиката“, изјави Јозиновиќ во интервју за „Слободен печат“.

Големиот интерес за концертот во Скопје доаѓа по серијата импресивни успеси што младиот пејач ги бележи на регионалната сцена. Пред само една недела, тој за рекордни 20 минути ги распродаде билетите за деветтиот концерт во Сава центар во Белград, по што најави и јубилеен десетти настап.

Концертот во Скопје е најава за неговата регионална турнеја  „Ја за чуда летим“, која ги вклучува и градовите Загреб, Нови Сад, Риека, Сплит, Осиек и Љубљана, и веќе спомнатиот Белград. Концертот е во организација на Пасворд Продакшн. 

Неодамна Јаков ги објави и своите први два сингла „Поље ружа“ и веќе најслушаниот хит во целиот регион „Ја волим“ кој за неколку дена само на Јутјуб оствари 7 милиони прегледи, а во Македонија се искачи на самиот врв на листата на најслушани песни на Епл мјузик. Со овие изданија Јаков го најави новото поглавје во својата музичка кариера, кое ја вклучува и големата регионална турнеја.
 

 

Јозиновиќ настапи годинава за прв пат и на „Златна Бубамара“ каде ја освои наградата за Регионално откритие на годината.  Јаков настапи со хитот „Оливера“ од легендарниот Ѓорѓе Балашевиќ, со која се прослави на TikTok и стана регионален феномен.