Јахоски не е во притвор зашто има четири деца, многу вработени и нарушено здравје


Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска преку соопштение информираше зошто му е одреден куќен притвор за сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, наспроти притворот за исто дело на Ратко Капушевски. Како што посочуваат од Обвинителството за четворица осомничени е прифатен предлогот на обвинителството и им е определена мерка притвор додека за едно лице осомничено за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ предлогот на обвинителството за определување на мерка притвор не е прифатен и е определена мерка куќен притвор.Во образложението на Решението стои:

„Судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација.

Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, се вели во соопштението.

Од Обвинителството додаваат дека во соработка со правосудната полиција се преземаат дејствија во насока на обезбедување на докази за сопственост на движен и недвижен имот на осомничените со цел нивно обезбедување заради понатамошна евентуална конфискација.