Израелските дипломати во ОН си ставија „жолти звезди“
Израелските дипломати во Обединетите нации ставија жолти ѕвезди и ветија дека ќе ги носат додека Советот за безбедност не го осуди Хамас.
„Кога беа палени еврејски бебиња во Аушвиц светот молчеше, денес еврејски бебиња беа палени во Бари и јужните населби од нацистичкиот Хамас и светот повторно молчи. Ќе ве натерам да се сеќавате на срамот од својата тишина секогаш кога ќе ме погледнете. Некои од вас заборавија зошто е основана оваа организација. Ќе ве потсетам. Од овој ден, секогаш кога ќе ме погледнете, ќе се сеќавате што значи да се молчи пред злото. Како моите дедовци и баби и дедовците и бабите на милиони Евреи, отсега јас и мојот тим ќе носиме жолти ѕвезди“, изјави израелскиот постојан претставник во ОН, Гилад Ердан.
Нацистите бараа од Евреите да носат жолти ѕвезди за време на Холокаустот за да го идентификуваат и изолираат од нееврејското население во окупираните земји.
На израелскиот гест реагираше поранешната амбасадорка на Холандија во Македонија, сега активна во меѓународни мисии.

„Ова недвосмислено упатување на Втората светска војна, кога Евреите беа принудени да ја носат Давидовата ѕвезда, се чини дека не е на место во контекст на насилниот конфликт меѓу Хамас и државата Израел и постојаната окупација од страна на Израел на окупираните палестински територии. Повикувањето во ОН на сеќавањето на убиствата од страна на нацистите на милиони Евреи, Роми, лица со посебни потреби и други во Втора светска војна, многумина ќе го почувствуваат како обид да се замолчат критиките и да се блокира избалансирана дискусија поврзана со одговорот на Израел на крвопролевањето предизвикано од Хамас на 7 октомври. Не е конструктивно“, напиша таа на Твитер.
Израел е во отворена дипломатска војна со ОН откако почна со нападот на Газа, па дури се закани дека нема да им дава визи за престој на дипломатите од оваа организација. Од ОН пак денес му порачаа дека „нивото на уништување е без преседан, а човечката трагедија што се одвива пред наши очи е неподнослива. Итен хуманитарен прекин на огнот на Блискиот Исток е прашање на живот и смрт за милиони луѓе“, мислејќи пред се на Газа. .
ови