Израелски медиуми: Планот на Трамп за Газа ќе се дефинира утре на преговори во Египет

Израел е подготвен да испрати делегација во Египет на разговори за мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, објавија денеска израелските медиуми.
Цитирајќи лице вклучено во преговорите, медиумите наведуваат дека израелските претставници треба да заминат во текот на денов, а разговорите би можеле да започнат в недела.
Засега нема нема официјална потврда од Израел.
Безбедносни извори во Египет, пак, потврдиле дека преговорите ќе се одржат утре во крајбрежниот град Ал-Ариш, кој се наоѓа во близина на Појасот Газа.
Засега нема нема официјална потврда на овие информации од Израел и од Египет.
Неколку медиуми во Израел објавија и дека специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, исто така, ќе патува во Египет за да учествува во преговорите.
Според „Канал 12“, Израел сака кратки преговори и првично е подготвен да разговара само за ослободување на заложниците, оставајќи ги другите спорни прашања за подоцна.
Во петокот вечерта, палестинската исламистичка група Хамас соопшти дека ги прифаќа клучните услови од планот на Трамп, кој предвидува прекинот на војната во газа, повлекување на Израел и ослободување на израелските заложници и палестинските затвореници.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас го поздрави одговорот на Хамас на предлогот за мир на Блискиот Исток на американскиот претседател Доналд Трамп и повика на итен прекин на огнот. Во меѓувреме, и Исламски џихад, кој е сојузник на Хамас и исто така држи израелски заложници, ја поддржа позицијата на Хамас за планот на САД за прекин на војната во Газа, потег што би можел да го отвори патот за ослободување на заложниците.