Израелска ракета уби градоначалник и петмина други во Либан


облаци чад по израелските напади на градот набатие (Фото: АФП)

 

Во израелски воздушен напад во средата врз општинската зграда во Набатие, главен град во јужен Либан, кој служи како главен град на провинцијата, загина градоначалникот Ахмед Кахил и уште најмалку петмина, соопштија два безбедносни извори.

Нападот дојде и покрај загриженоста на САД за зголемување на бројот на загинати и стравувањата од сеопфатна војна во регионот додека Израел се бори со Хезболах поддржан од Иран во јужен Либан и во главниот град Бејрут и со палестинските милитанти Хамас во Газа.

Израелската војска соопшти дека погодила десетици цели на Хезболах во областа Набатие и демонтирала подземна инфраструктура.

Во меѓувреме, израелските морнарички сили нападнаа десетици цели на Хезболах во јужен Либан, во соработка со трупите на теренот, соопшти во средата израелската војска.

Привремениот либански премиер Наџиб Микати го обвини Израел дека „намерно го таргетирал“ состанокот на општинскиот совет свикан на разговори за градските услуги и помошта.

Либанскиот министер за внатрешни работи Басам Мавлави во посебна изјава рече дека зградата била цел на состанокот одржан за координирање на хуманитарната работа и дистрибуцијата на помош за луѓето кои останале во јужен Либан. 

Микати ја обвини меѓународната заедница дека „намерно молчи“ за израелските напади во кои загинаа цивили и беа нападнати мировници на ОН.

„На какво решение може да се надеваме во светлината на оваа реалност?“, рече тој во соопштението.

Израел соопшти дека цел на нападот биле, како што рече, локациите на милитантите на Хезболах вградени меѓу цивилите, без да обезбеди докази.

Неколку часа претходно, најмалку еден израелски напад ги погоди јужните предградија на Бејрут, рекоа очевидци на Ројтерс, откако САД соопштија дека се противат на опсегот на израелските напади во главниот град на Либан.

Очевидци на Ројтерс слушнале две експлозии и виделе чад како излегуваат од две одделни населби. Тоа дојде откако Израел рано во средата издаде наредба за евакуација, во која се споменува само една зграда.

Израелската војска во последниве недели изврши напади врз јужните предградија на Бејрут, упориштето на Хезболах, без претходно предупредување или со предупредување за една област додека напаѓа пошироко.

Израелската војска соопшти дека извршила напад врз подземен залихи на оружје на Хезболах во јужното предградие Дахие во Бејрут.

Наредбите за евакуација на израелската војска сега погодуваат повеќе од една четвртина од Либан, според агенцијата за бегалци на ОН, две недели откако Израел почна со упади во јужниот дел на земјата, за кои вели дека имаат за цел да го потиснат Хезболах.

Некои западни земји се залагаат за прекин на огнот меѓу двата соседа, како и во Газа, иако САД велат дека продолжуваат да го поддржуваат Израел и испраќаат противракетен систем и војници.

Во вторникот, портпаролот на Стејт департментот Метју Милер рече дека САД ја изразиле својата загриженост до администрацијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за неодамнешните напади.

„Кога станува збор за обемот и природата на бомбардирачката кампања што ја видовме во Бејрут во текот на изминатите неколку недели, тоа е нешто што јасно ѝ го кажавме на владата на Израел дека имавме загриженост и zа што бевме против“, им рече тој на новинарите.

Во израелските напади во Либан загинаа најмалку 2.350 луѓе во текот на минатата година и оставија речиси 11.000 ранети, според Министерството за здравство, а повеќе од 1,2 милиони луѓе се раселени.

Билансот не прави разлика меѓу цивили и борци, туку вклучува стотици жени и деца.

Според Израел, во истиот период биле убиени околу 50 Израелци, војници и цивили. (Ројтерс)