Израел денеска депортира во Турција уште 137 активисти од флотилата „Сумуд“

Уште 137 активисти од Глобалната флотила „Сумуд“ кои се обидоа да ја пробијат израелската поморска блокада на Појасот Газа се депортирани во Турција, објави денеска израелското Министерство за надворешни работи.
Според извештаите, меѓу депортираните активисти има државјани на САД, Италија, Обединетото Кралство, Јордан, Кувајт, Либија, Алжир, Мавританија, Малезија, Бахреин, Мароко, Швајцарија, Тунис и Турција.
Израелското МНР преку соопштение повтори дека вистинската цел на активистите била „провокација во служба на Хамас, а не хуманитарна помош“.
Министерството изјави дека Израел сака да ја забрза депортацијата на „сите провокатори“, но дека некои од нив „намерно го попречуваат законскиот процес на депортација и претпочитаат да останат во Израел“.
Организаторите наведоа дека глобалната флотила „Сумуд“, составена од 47 бродови, транспортирала повеќе од 500 активисти.
Израелското МНР во средата соопшти дека специјалци на морнарицата се качиле на неколку бродови од флотилата и ги привеле активистите, вклучувајќи ја и шведската активистка Грета Тунберг, или вкупно околу 470 активисти.