Излезни анкети: Мртва трка во Германија, социјалдемократите во мало водство
Излезните анкети по затворањето на избирачките места во Германија покажуваат мртва трка меѓу ЦДУ на Армин Лашет и канцеларката Ангела Меркел и Социјалдемократската партија. Според анкетата на НТВ тие се изедначени со по 25 отсто, но втората зилезна анкета на ЗДФ покажа дека СПД и кандидатот за канцелар Олаф Шолц имаат предност од два процентни поени 26 наспроти 24.
И во двете излезни анкети Зелените се на трето место со 14 до 15 отсто, четврти се Слободните демократи со 12, па крајнодесничарската Алтернатива за Германија со 10 отсто, а крајната Левица едвај успева да го помине прагот од 5 отсто.
Во штабот на СПД владееше егзалтирачка атмосфера по објавувањето на излезните анкети, додека во исборниот штаб на ЦДУ како да беше замрзнат воздухот.
Овој резултат на ЦДУ е најлош во целата поствоена историја на Германија. Генералниот секретар на ЦДУ, Паул Земјак, разочарувањето го изрази со зборовите: „Ова боли“.
Но во овој момент никој не може да каже како вистински ќе завршат изборите, затоа што рекорден број од 40 отсто од избирачите гласаа преку пошта и тие резултати допрва треба да се вкалкулираат во излезните анкети.
Едно е јасно – дека претстојат неколкумесечни тешки преговори за формирање владина коалиција и дека таа сосема сигурно ќе биде составен од три партии. Дали канцелар ќе биде Олаф Шолц или Армин Лашет единствено зависи кој ќе формира мнозинство во Бундестагот. Тоа не значи дека оној што победил на изборите сигурно ќе го даде канцеларот. Тоа може да биде и втората партија.
Излезните анкети ја одредуваа и наклоноста на гласачите на прашањето кој би сакале да ја води земјата во наредните четири години. Во овие анкети за Шолц се изјасниле дури 60 отсто од гласачите, за Лашет 25, а за Аналена Бербок од Зелените 18 отсто.