Изградбата на коридорите почнува со снимање на теренот, проекти и мобилизација на работници

Освен што ќе ги подготвуваат урбанистичките проекти „Бехтел и Енка“ ќе одредуваат и локации за кампови за градежната оператива и ќе почнат геотехнички истраги


 

Иако јавноста очекуваше некакво големо отворање на работата на коридорите 8 и 10-д што ќе ја вршат „Бехтел и Енка“, таа денеска почна главно со административни и технички работи. Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) соопштија дека од денеска започнуваат подготвителни работи, снимање на теренот, подоготовка на урбанистички проекти, основни проекти, за да може да отпочнат и постапките за експропријација и проектирање.

Паралелно со ова започнува мобилизација на персонал за работа, подготовка на локации за поставување на кампови за градежната оператива, анализа на трасата и можни дислокации на подземни и надземни инсталации, подготовка на постапки за вршење на геотехнички истраги.

ЈПДП соопшти дека изградбата на коридорите, ангажманот на работниците и договорот со „Бехтел и Енка“, посочува дека ангажирањето на работна сила за изградба на Коридорот 8 и Коридирот 10-д ќе се реализира согласно постоечкиот закон, односно, согласно Законот за утврдување јавен интерес, за номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10, донесен во 2021 година.

„Во член 11, став (3), каде се регулира ангажманот на работници јасно стои обврската, стратешкиот партнер да користи најмалку 51% од локални ресурси. Ова значи, дека ако нашата земја има доволно локални ресурси, односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51 отсто“, информираше ЈПДП.

По реакциите на опозицијата дека договорот со „Бехтел и Енка“ се држи во тајност, од Владата од најавија дека документацијата и деталите од договорот за изградбата на овие двата коридора ќе биде презентирана пред пратениците во соодветна собраниска процедура. Деталите од договорот ќе може да ги видат пратениците што имаат безбедносен сертификат. Не е јасно кога договорот ќе биде презентиран во Собранието.

Опозицијата и денеска реагираше за овој договор. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од Тетово побара да биде споделен со македонската јавност, па потоа да се отвори јавна дебата и „да можеме да зборуваме очи во очи“. Според Христијан Мицкоски, Македонија секогаш губела кога СДСМ е на власт.

Проектот со „Бехтел и Енка“ е во вредност од над 1,3 милијарди евра, а дополнителни 300 милиони евра според првичните проценки ќе чини експропријацијата. За годинава веќе се одобрени 243 милиони евра. Предвидена е изградба на автопатските делници: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1  километар), Тетово – Гостивар (27  километри) на Коридорит 8 и делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10-д.  Според најавите, годишно ќе се градат просечно по 25 километри, а километар ќе чини 12 милиони евра.