Изгореа овоштарници кај Перово на брегот на Преспанското Езеро (видео)


Голем пожар избувна попладнево кај селото Перово на брегот на Преспанското Езеро, информира Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Во видео-обраќање до медиумите рече дека е на пат кон Преспа, посочувајќи дека овој пожар, освен за селото Перово, претставуваше опасност и за околните села.

„Пожарот што изби кај селото Перово на брегот на Преспанското Езеро зафати поголема површина на трска. Поради ветрот се ширеше со голема брзина кон селото. Но, пожарникарите и локалното население го локализираа пожарот и тој веќе не претставува опасност за селото Перово“, вели Ангелов.

Во пожарот се изгорени повеќе овоштарници, кои претставуваа егзистенција за мештаните, а Ангелов рече доколку околу нив бил изоран појас, без тревки, овоштарниците ќе можеле да се спасат.

Во гаснењето на пожарот се приклучи еден „ертрактор“ на ДЗС, кој полни вода од езерото, а набргу ќе му се придружи и другиот.

„‘Етракторот‘ ја пресече линијата на огнот и им помага на силите што гаснат од земја да воспостават целосна контрола врз овој тежок пожар што се закануваше на повеќе села“, кажа тој.
Пожар што изби попладнево во Преспа е во близина на местото каде што гореше и пред неколку дена.