Од 1 јануари недела е неработен ден, ВМРО-ДПМНЕ не гласаше
Од 1 јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92% од работниците, рече министерката за труд Јагода Шахпаска
Со 62 гласа „за“ и ниту еден против пратениците во Собранието го усвои законот со кој недела и официјално станува неработен ден. За законот не гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Недела неработен ден e реалност. Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Од први јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92отсто од работниците,“ порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска по повод изгласувањето на Законот за работните односи со кој се утврдува недела како неработен ден.
„Недела неработен ден e реалност. Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Од 1 јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92% од работниците“, рече Шахпаска.
Целта на ова законско решение е воспоставување на рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.
„Оние работници што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена“ рече Шахпаска.
Според неа, вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100%. А дополнително, 2% од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.