Ивент индустријата од утре протестите ги става во мирување, в сабота ќе се сретнат со вицепремиерот Битиќи


Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП соопшти дека од утре ги става во мирување протестите кои изминатите денови секојдневно ги одржуваше пред Владата, откако за в сабота договориле средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи.

„Ве известуваме дека денес не контактираше вицепремиерот Битиќи и добивме покана за средба и продолжување на разговорите за помош на нашиот сектор. Средбата ќе се одржи во сабота, на 17 април во 10 часот во Владата“, соопштија од ИВАП.

„Заради желбата за прогрес и изнаоѓање на прифатливо и одржливо решение за помош, ве известуваме дека од утре (четврток) протестите ќе ги ставиме во мирување“, се вели во соопштението до медиумите.

Од ИВАП додаваат дека повторното обновување на протестите ќе зависи од текот на разговорите и од евентуалното решение кое ќе биде постигнато.

Инаку, тие и денес протестираа пред Владата, при што уште еднаш посочија дека се свесни за економската состојба на државата, но дека се една од најзагрозените дејности како последица на пандемијата со КОВИД-19 и мерките што ги воведе Владата, како и дека се принудени на ваков начин да бараат решение за проблемите бидејќи освен шесте месеци помош за плата немаат добиено друга поддршка.

Од друга страна, пак, вицепремиерот Битиќи, пред два дена за „Сител“ изјави дека Владата обезбедила средства за организација на поголем број настани од јавен интерес, за чија реализација би можело да бидат ангажирани компании од таканаречената „ивент“ индустрија со што би им се помогнало да го пребродат периодот кога се организираат помалку настани поради пандемијата.

„Овие компании не се исклучени ниту од досегашните мерки за поддршка, ниту од петтиот пакет што треба наскоро да биде донесен. Исто така, ним им се достапни и средства од бескаматни кредити од Развојната банка, кои под одредени услови би можеле половина да станат грант“, изјави Битиќи.