Ивановски: Помошта на компаниите треба да биде условена, оданoчувањето фер
Александар Ивановски, поранешен даночен инспектор во Управата за јавни приходи во Скопје, денеска раководи со секторот за даночна политика во Европската Фискална Конфедерација во Брисел, организација на даночни асоцијации и институти во Европа. Тој неодамна е именуван и за член на советодавното тело на Европската Комисија како независен експерт за даночни политики. Во разговор за МИА, Ивановски говори за пост-ковид светот и ги анализира последиците од оваа уникатна криза за Северна Македонија, како и мерките за помош на економијата што ги предлага македонската Влада.
Кои се перспективите за Северна Македонија после кризата со Ковид-19, кои ќе бидат последиците?
Проекциите на Economist Intelligence Unit се дека и покрај добриот економски перформанс пред кризата, тоа ќе биде нагло прекинато и се очекува за жал пад на бруто домашниот производ. Меѓутоа се очекува и консолидација со надежта за отворање на преговорите со ЕУ. Имаме еден потенцијал преговорите да отворат пат за зацврстување на економијата. Вториот аспект е тоа што глобално да се сменат ланците на набавка и се очекува помала зависност на европската економија од Кина и Азија. И тука се очекува оние трудово интензивни активности да профитираат затоа што големите европски економии ќе се свртат кон добавувачите од Источна Европа, и тука Северна Македонија би можела тоа да го искористи како прилика. Сакам да верувам дека вакви кризи можат да бидат искористени од земји како Северна Македонија затоа што ќе има реструктурирање на глобална побарувачка и на глобалната економија. Тоа е шанса што треба да се искористи преку различни стратегии. Една од нив е “зелен раст и развој“, што посебно се дискутира на ниво на ЕУ. Ова е прилика да се инвестира во пост-ковид периодот, сите тие државни поддршки што се користат да бидат условени со критериуми да бидат зелени. Тоа би бил бенефит, посебно за Северна Македонија која е земја на која и е потребен развој на проектите за животна средина.
Кои се секторите на кои треба да се фокусираат властите во посткризниот период?
Има многу препораки за земји како Северна Македонија коишто се издадени од релевантните институции. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) препорачува пост-ковид консолидацијата да биде фокусирана на три принципи: колку што е можно повеќе да се поддржат домаќинствата и потрошувачката на добра и услуги, со тоа ќе се овозможи зачувување на некаков стандард на живеење на граѓаните и стимулирање на домашната економија. Вториот принцип е да се користат средствата според принцип на добро фискално управување, односно „лекот“ да биде соодветен на „болеста“. Во таа смисла владините интервенции треба да бидат фокусирани на поголема транспарентност и отчетност во давањето на државната помош. Значи целосно да се објават информациите за начинот на работење на фирмите, за владините интервенции, итн, сѐ да биде базирано на тој принцип на отчетност. Третиот елемент е да се обезбеди здрава фискална стратегија којашто ќе овозможи позитивен поттик за даночниот систем да биде во функција на одржлив развој на економијата.
Скоро се објавија препораки на Европската Комисија во однос на даночната политика, меѓу другото, во рамките на дијалогот за Европскиот семестар. Што велат препораките?
Во оваа претпристапна фаза, пред почеток на преговорите со ЕУ, има поголем надзор на тие стандарди на економијата и даночниот систем. Пред кризата перформансите беа релативно добри, Европската Комисија имаше дадено оценка дека Владата релативно добро се справува, со бројни препораки. Најважната препорака беше конечно да се усвои даночната реформа за периодот 2021-2023. Ова е многу важен документ којшто министерството го објави во јануари годинава и почива на пет приоритети коишто се исклучително важни. Тоа е фер оданочувањето, во контекст на препораките за спречување на даночната евазија и префрлање профити во даночни раеви. Друг елемент е соработка и подобра координативна улога помеѓу институциите. Потоа, транспарентност, споменав и претходно, за размена на информации. Северна Македонија е потписник на документот на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој, нз), за взаемна проверка на реформите посебно за размената на информации. Нашите институции кога ќе ги имаат тие информации ќе имаат соодветен увид во профитите, приходите што се остваруваат на територијата и кои владата има право да ги даночи, но коишто, поради претходните системски недостатоци се носеле во даночни раеви, без да има УЈП механизам да ги следи тие текови. Тој процес сега се отвора и Европската Комисија инсистира на тој процес. Конечно, зеленото оданочување, клучен елемент затоа што овозможува двојна цел – првата е да се оданочуваат загадувачите, оние коишто ги користат природните ресурси и да се реинвестираат тие средства во зелени проекти, и вториот елемент е да се реструктурира даночниот микс. Наместо поголемо ослонување на ДДВ, да има поголемо ослонување на зелени даноци, генерален тренд е ова на новата Европската Комисија.
Дали прогресивниот данок не и носеше доволно приходи на државата?
Тоа е во извештајот на Министерството за финансии, дека иако теоретски приходите според прогресивниот данок би требало да бидат поголеми, анализата покажува дека тој даночен јаз се зголемил. Зошто? Бидејќи перцепцијата е исто важна на даночните обврзници кога ги носите тие промени. Ако се тие промени ад хок, нема да ја постигнете посакуваната прогресивност, туку придонесувате за конфузија и пад на даночните приходи. Меѓутоа, прогресивното оданочување е препорачано за Северна Македонија и во извештаите на ММФ и на Светска Банка (СБ), анализирано е во извештаите на ЕК, којашто има понеутрален став, бидејќи е избор на секоја земја, согласно своите потреби, таа дебата треба да ја има, и тоа се и политики кои треба да бидат во изборните платформи за граѓаните да имаат прецизна слика како идната влада ќе го структурира даночниот систем од аспект на фер оданочување.
Решение е враќањето кон рамниот данок?
Извештаите покажуваат дека е решение за зголемување на приходите, меѓутоа, како што реков, повеќе аспекти се важни и не би можел да кажам дали е решение, посебно во пост-ковид ситуацијата. Особено што треба да имаме предвид дека ова е уникатна ситуација и решенијата ќе треба да бидат уникатни. И ако ги погледнеме решенијата на владите низ светот, секоја влада презема мерки какви што одговараат на економијата. Треба да се знае што и е потребно на македонската економија. Мислам дека работите не се црно-бели, треба да се има предвид контекст, однесувањата на даночните обврзници и како се инвестираат средствата на граѓаните.
Гледаме дека на ниво на ЕУ паѓаат некои вековни догми и табуа околу буџетските златни правила, на пример за државната помош, меѓу другото, поради кризата. Какви последици ќе имаат овие потреси?
Тоа е клучно прашање. ЕУ има стриктни правила за државната помош и пред кризата ЕК постојано врши контрола како владите даваат државна помош и забрануваат таканаречена невидлива помош, особено во форма на даночни олеснувања на конкретни даночни обврзници и сектори. Тие правила сега се релаксирани и гледаме дека ЕК на дневна основа одобрува државна помош за одредени сегменти и компании, посебно за авионската индустрија. ЕУ има донесено временска рамка за државна помош во која се набројани условите за доделување на таа државна помош. Дали ќе предизвика земјотрес или не, како што кажав, времињата се уникатни и бараат уникатни решенија. Веќе има дебата во ЕУ за тоа колку државната помош којашто е дадена од земји како Германија ќе предизвика дисторзија на заедничкиот европски пазар. Бидејќи статистиката покажува дека 51 отсто од одобрената државна помош во ЕУ е за Германија. И ова може да доведе до една асиметричен пост-ковид развој на заздравувањето. Што може да има последици кога имате заеднички пазар и монетарна унија. За Северна Македонија во таа смисла што е важно, и е препорака на ЕК, е да се воведе регистар на државна помош и да биде тоа на основа на транспарентни критериуми и да донесе посакувани резултати. Тие правила Северна Македонија ќе мора да ги прифати по влезот во ЕУ и кога ќе се консолидира состојбата пост-ковид. Сега секоја земја сега реагира согласно своите можности.
Дали може да се очекува поагресивна борба против даночната евазија во пост-ковид ситуацијата во ЕУ?
Претходната ЕК имаше огромен успех во неколку мерки во борбата против даночната евазија, избегнувањето плаќање данок и подобрувањето на законодавната рамка за тие цели, преку релевантни директиви. Оваа Комисија се соочува со уникатна криза, но јасно е дека владите ќе имаат потреба од даноци за да ги финансираат зголемените потреби на системите во пост-ковид фазата. На 15 јуни ќе презентира пакет мерки за спречување на даночни измами и стратегија за фер даночни систем, значи дополнително зголемување на солидноста на даночниот систем. Фокусот на ЕК ќе остане на консолидација на даночните приходи и правилата за оданочување на големите дигитални компании како Амазон или Фејсбук кои работат во ЕУ, а не се предмет на оданочување во ЕУ.
Како да се подобри борбата против даночната евазија во Северна Македонија?
ЕК повикува на зајакнување на капацитетите на даночните органи, значи УЈП, поголема транспарентност и добро управување. Тоа ќе придонесе за зголемување на довербата во даночниот систем, значи добрата волја за плаќање даноци, што е клучен елемент за постигнување на таа доверба, тоа што граѓаните го плаќаат како данок соодветно да се враќа кај граѓаните. Тоа не се само економски мерки, тука ЕК препорачува да се продолжи со борбата против корупцијата, независност на судството, сите тие генерални политики за консолидација на системот. ЕК вика дека борбата е задоволителна во Северна Македонија, но сега тука има специфични аспекти, дали интензивна фискализација затоа што има голема неформална економија, дали повеќе фокус на кооперативно оданочување, што е препорака на многу институции, и тука има простор за подобрување на системот во Северна Македонија. Имаше проект пред десетина година помеѓу владата на Северна Македонија и на Холандија којшто се викаше Проект за хоризонтален мониторинг. Тоа беше уникатен проект, спроведен во УЈП. Тоа имаше успех, и во тој период Северна Македонија беше доста авангардна, во тој период беше единствена земја, покрај Словенија и Хрватска, заедно со Холандија. Денес тоа ќе биде проект на ниво на ЕУ за сите земји членки. Кога имате релативен мал даночен систем има простор за подобрување на многу нивоа без притоа да се идентификуваат само агресивните аспекти, туку и оваа кооперативна страна на оданочувањето, што ќе донесе намалување на можностите за евазија и зголемување на приходите.
Како ги оценувате пакетите мерки презентирани од владата за закрепнување на економија во пост-ковид фазата?
Мојата проценка е дека сѐ што оди во поддршка на домашната потрошувачка е корисно. Не можам да ги коментирам деталите затоа што мислам дека никој не ги ни видел, не се објавени. Меѓутоа, генералната тенденција да се стимулира потрошувачката преку разни модели од типот на ваучери, викенди без ДДВ можат да бидат корисни на краток рок и за стимулирање на бизнис активноста. Што се однесува до условувањето на државната помош со задржување на работниците, тоа е евидентно, не очекувам дека треба да се дава државна помош без да има соодветни очекувања од работодавците. Треба да биде во насока на условена државна помош за работодавците. Во таа насока треба да одат тие проекти за стимулирање на економијата.
Имаше силни критики посебно за мерката за викенди без ДДВ, како гледате на ова решение?
Во основа ДДВ како данок е еден од даноците што највеќе го полни буџетот на државата, посебно македонскиот буџет, така што откажувањето од ДДВ е индикативно дека државата ќе им помогне на бизнисите. Идејата, претпоставувам, е да се стимулира потрошувачката за да се помогне бизнис работењето. Toa e мерка којашто е логична во оваа фаза, не знам дали е најсоодветна. Од аспект на тоа дали е фер, ДДВ-то се смета за еден од социјално порегресивните даноци. Тоа е данок којшто неспорно ги удира посиромашните. Бидејќи таква е структурата на потрошувачката и данокот. Таа дебата се однесува на ДДВ-то и даноците на потрошувачката наспроти корпоративните даноци.
Тања Милевска