Итно предупредување од ИРГЦ: Држете се подалеку од нафтените објекти во Саудиска Арабија, ОАЕ и Катар


Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран издаде итно предупредување за евакуација на граѓаните од областите на нафтените објекти во Саудиска Арабија, ОАЕ и Катар бидејќи тие се легитимни цели што ќе бидат нападнати во наредните часови.

Во соопштението на ИРГЦ се вели дека жителите околу објектите, вклучувајќи ја рафинеријата „Самреф“ во Саудиска Арабија, гасното поле Ал Хосн во Обединетите Арапски Емирати, петрохемискиот комплекс „Ал Џубаил“ во Саудиска Арабија, петрохемискиот комплекс „Масаид“ и холдинг-компанијата „Масаид“ (поврзана со „Шеврон“) во Катар, како и рафинеријата „Рас Лафан“ (фази 1 и 2) во Катар, се евакуираат од овие области.

„Овие центри станаа директни и легитимни цели и ќе бидат нападнати во наредните часови. Затоа од сите граѓани, жители и вработени се бара веднаш да ги напуштат овие области и да се преселат на безбедно растојание, без одложување“, се вели во предупредувањето.

Американско-израелските напади врз Иран почнаа на 28 февруари и покрај тековните, индиректни преговори меѓу Техеран и Вашингтон за нуклеарната програма на Иран.

Иран одговори со масовни ракетни и беспилотни напади насочени кон американските бази во регионот и воените цели во Израел. /МИА