Итен министерски состанок во Хелсинки: Салвини запали црвен аларм во ЕУ


Хелсинки – Министрите за правда и за внатрешни работи на ЕУ вчера се собраа на итен состанок во Хелсинки за да одговорат на моменталната криза предизвикана од тврдиот став на Италија и нејзиниот министер за внатрешни работи Матео Салвини, кој го запре спасувањето и истоварувањето мигранти од Медитеранот на италијанска територија. Од страв дека летово може да се случи хуманитарна катастрофа, Франција и Германија, заедно со Малта и Финска како претседавач, излегоа со иницијатива за создавање „коалиција на земји доброволци“ кои ќе ги згрижуваат бегалците на привремена и контролирана основа, без да поттикнат поголем бран нови мигранти.

Салвини го запали црвениот аларм во ЕУ откако уапси капетан на бродот, инаку со германско потекло, затоа што ги спаси и ги донесе бегалците на италијанскиот брег. Салвини најави дека нема повеќе да го толерира статус-квото во ЕУ, која со години не се солидаризира околу мигрантската навала, јасно сугерирајќи дека бројот на земји членки кои сега активно помагаат не е доволен за да го омекне ставот на Рим. Затоа Германија и Франција настојуваат да соберат петнаесетина земји околу овој привремен механизам за бегалците во Медитеранот што го најавуваат под паролата „хуманост и ред“.

Денес пред вонредниот состанок на министрите за правда и за внатрешни работи, на кој учествуваше и Салвини, сепак немаше голем оптимизам дека брзо ќе се постигне договор, уште повеќе што на иста тема се закажа состанок во Париз идниот понеделник и сличен состанок во септември во Малта.

Министерот на Луксембург, Жан Аселборн, беше резигниран околу немоќта на ЕУ да се солидаризира околу ова прашање веќе подолг период, иако бројот на мигрантите сега во овој регион е многу помал од 2015 година. Тој пред новинарите ги нарече земјите што не сакаат да згрижат мигранти „не-земји за хуманизам“, алудирајќи пред сè на Вишеградската група. Според него, неразбирлива е позицијата на Полска, земја со 40 милиони жители која не сака да прими неколку стотици мигранти, порачувајќи дека ЕУ ќе биде неодржлива ако и натаму солидарноста, главно финансиска, постои само од запад кон исток и од север кон југ, но не и обратно. Тој не сакаше да го коментира многу ставот на Унгарија, порачувајќи единствено дека не ги разбира овие земји. Според него, наскоро ќе дојде време кога ќе се постави прашањето: колку долго може да се одржи недостатокот на хуманитарна солидарност од исток кон запад, додека западот е финансиски солидарен со истокот. Досега, сепак, ваквите закани за ограничување на постојните ЕУ фондови за земјите што не се солидаризираат со мигрантите и го уриваат угледот на ЕУ со загрозување на владеењето на правото останаа само на зборови.

Хорст Зехофер, германскиот министер за внатрешни работи, оцени дека ниту една земја не може сама да ги згрижи сите бегалци и дека можностите на тие што го прават сега тоа се ограничени. Тој го оцени како неприфатливо држењето бремена жена на брод две недели, алудирајќи на акцијата на италијанските власти. Финската министерка за внатрешни работи Марија Охисало пред министерскиот состанок изјави за новинарите дека не треба да чека да се удави некој во Медитеранот за да посредува како претседавач на ЕУ.

Еврокомесарт Димитрис Аврамопулос, пак, порача дека би сакал да ги убеди земјите кои досега се спротивставуваа на заедничката европска политика за азил да го сменат ставот, но не да ги присилува на тоа. На иста линија беше и финското претседателство, од каде што порачаа дека ќе се преземаат мали чекори место да се посочува со прст кој е виновен за одржувањето на ваквата ситуација.

Од нашиот известувач: Слободанка Јовановска