Италија и Шпанија го ограничуваат краткотрајното тргување на берзите

Италија и Шпанија во четврток го ограничија тргувањето со акции за да го спречат остриот пад на цените во услови на стравувања од епидемија на корона вирусот. Цел на регулаторите беше краткотрајната продажба односно таканаречената шорт-селинг (short-selling) практика, кога трговците позајмуваат акции во очекување нивните цени да се намалат, потоа ги продаваат и ги купуваат по пониска цена и ја задржуваат разликата. Акциите потоа им ги враќаат на сопствениците.

Доколку има повеќе трговци кои применуваат вакви практики отколку што има купувачи, што може да се случи ако инвеститорите продолжат да продаваат акции поради стравот од корона вирусот, тогаш падот на цените на хартиите од вредност би можел да се забрза.

Италијанските берзи вчера регистрираа најголем пад во Европа, од 17 проценти а слично беше и во Шпанија, каде што тамошниот берзански индекс потона за 14 отсто. Индексот на европската берза STOXX, пак, забележа најголем пад во историјата, за 12 проценти, при што не помогна многу ниту пакетот стимулативни мерки што ги објави Европската централна банка (ЕЦБ).

Шпанскиот регулатор реши да ја забрани краткотрајната продажба на 69 акции, вклучувајќи ги сите ликвидни хартии од вредност чија цена во четвртокот падна повеќе од 10 отсто, како и сите неликвидни акции чии цени паднаа повеќе од 20 проценти. Во Италија, забраната се однесуваше на 85 акции.

Италија и Шпанија се решија на ваков потег во услови на зголемена нервоза поради ширењето на корона вирусот. Европските закони им овозможуваат на регулаторите на земјите – членки да спроведат вакви забрани, со обврска да ја известат Европската агенција за хартии од вредност и пазар на капитал (ЕСМА).

Многу земји го ограничија краткотрајното тргување во текот на финансиската криза во 2008 година. Иако ваквите забрани можат да го ублажат почетниот шок, експертите за пазарот на капитал сметаат дека посакуваниот ефект се постигнува само во краток временски период.