Истражување: Ковид-19 наштети на демократијата и слободите во шест од 10 земји во светот


Шведска – Околу 61 процент од земјите во светот, поради пандемијата на Ковид-19 донеле мерки кои се проблематични во смисла на почитување на човековите права и демократските вредности, се наведува во извештајот на  организацијата Интернешнл Ајдиа (International Idea), специјализирана за оценување на демократијата во светот.

Демократските начела и човековите права се прекршени во 90 отсто од авторитарните режими, но прекршувања се воочени и и во 43 проценти од државите, кои се сметаат за демократски, се наведува во извештајот на организацијата со седиште во Стокхолм.

– Беше предвидливо дека авторитарните режими, кои во својата структура имаат помалку механизми за заштита на демократските и човековите права, ќе настојуваат да ја зголемат својата моќ под изговор дека се борат против пандемијата, изјави генералниот секретар на организацијата, Кевин Касас-Замора.

– Но, изненадува тоа што толку многу демократии донесоа проблематични мерки, дополнува тој.

Индија е на првото место на светската ранг-листа на земји кои усвоија „загрижувачки“ мерки во 9 од 22 анализирани области (слобода на движење, слобода на изразување, медиуми, итн.) и во тоа е пред Алжир и Бангладеш. По нив следуваат Кина, Египет, Малезија и Куба (7 области).

Русија е прва на списокот на европски земји затоа што донесе „загрижувачки“ мерки во шест области и го дели тоа место со уште пет други земји во светот: Саудиска Арабија, Мјанмар, Јордан, Шри Ланка и Зимбабве.

Невладината група ги оценувала различните мерки преземени од државите за да утврди дали тие се проблематични од демократска гледна точка, без да се процени нивната санитарна ефикасност.

Индија, Малезија, Мјанмар, Шри Ланка и Ирак, пет земји класифицирани како демократски – иако кревки демократии – се на списокот со 15 земји што се на дното на списокот.

– Пандемијата беше забрзувач на тенденциите што постоеја пред вирусот. Високо авторитарните земји претежно станаа уште поавторитарни, а во демократиите кои веќе имаа потешкотии со зачувување на владеењето на правото, овие тешкотии се зголемија, рече Касас-Замора.

Во Европската унија има пет критични земји: Бугарија во три области, Унгарија, Полска, Словачка во две и Словенија во една област.

Меѓу големите западни демократии, само САД се именувани во две области. Израел е загрижувачки во пет области, а Аргентина во две.

Ограничувањата на медиумските слободи во име на борба против дезинформации, прекумерна употреба на сила (распоредување на армија што ја следи примената на регулативите, кампови за изолација на болните …), корупција при склучување на договори за вонредни набавки или посочување на мигрантитре како одговорни за ширење на епидемијата се дел од проблематичните мерки кои најчесто се среќаваат.

– Новиот предизвик што ќе треба да се процени ќе биде како тековната голема економска криза влијае на состојбата на демократијата, вели Касас-Замора.

Студијата ги пофали моделите на некои земји кои постигнале добри санитарни резултати без да го нарушат почитувањето на демократските права. Тоа се Исланд, Финска, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Тајван, Уругвај, Кипар, Јапонија, Сенегал и Сиера Леоне.