Научниците на СЗО не открија големи нови работи во Вухан


Неверојатно е вирусот да тргнал од лабораторија во Кина, соопштија истражителите на СЗО во Вухан. Првиот регистриран случај во Вухан не е поврзан со пазарот Хуанан

 

Исклучително неверојатно е коронавирусот да почнал по инцидент во лабораторија во Кина, изјавија денеска истражители на Светската здравствена организација, кои веќе неколку дена се обидуваат да го расветлат потеклото на коронавирусот во Кина, пренесува „Скај њуз“.

Истражувачите веруваат дека најверојатната причина за првичното избувнување на инфекцијата од коронавирусот е „скокање на вирусот“ од животно врз човек.

Ова значи дека идните истраги нема да се фокусираат на лабораториски инцидент како можна причина за појавата на инфекцијата со коронавирусот.

Меѓународен тим научници од Светската здравствена организација, кој работи со кинески експерти, веќе некое време се обидуваат да откријат како почна пандемијата на коронавирусите.

Лидерот на тимот на Светската здравствена организација, Питер Бен Ембарек, им изјави на новинарите дека по едномесечна мисија во земјата, истрагата не го сменила претходното разбирање.

„Дали драматично ја сменивме сликата што ја имавме претходно? Јас не мислам така“, рече Ембарек. „Дали го подобривме нашето разбирање и дали додадовме детали на таа приказна? Апсолутно“.

Наодите од истрагата покажуваат дека иако вирусот потекнувал од зоонозен пренос, точниот домаќин останува да се идентификува.

Она што истрагата открила е дека нема докази за значително ширење пред декември 2019 година во Вухан. Научниците разгледаа сè, од анализа на лекови против кашлица и настинка, купени во аптеки до примероци од база на податоци за крв, објасни Лианг Ванијан, шеф на експертскиот панел за одговор на Ковид-19 на Кинеската национална комисија за здравство.

Истражителите исто така откриле дека иако постоел значителен пренос поврзан со пазарот на Хуанан во Вухан, преносот исто така се случувал на друго место во Вухан.

„Не ја знаеме точната улога на пазарот Хуанан“, рече Ембарек.

Најраниот потврден случај од 8 декември 2019 година, немал никаква поврзаност со пазарот.

Тимот истражувачи на СЗО гво изминатите неколку дена посетија клучни локации во Вухан, кинескиот град во кој беа пријавени првите случаи на инфекција, и во него разговараа со пациенти, здравствени работници и кинески научници.

Досегашните докази сугерираат дека коронавирусот „скокнал“ од животни врз луѓе, а тимот истражувачи на денешната прес-конференција соопшти дека се уште не се сигурни за каков вид животно станува збор и каде тоа точно се случило. (Според агенциите)