Интервју со Тони Коњановски: Битола денес живурка


Нов генерален урбанистички план ќе овозможи современ лик на Битола, вели Тони Коњановски

Новите инвестиции ќе ѝ овозможат на Битола одржлив економски развој и посветено ќе работиме на тоа, вели кандидатот за градоначалник Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „Независен“. Тој вели дека се решени да ја зачуваат старата градска архитектура

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Може да се каже дека Битола во моментов не живее, туку живурка, вели кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски. Во интервју за „Независен“ тој вели дека динствената шанса на Битола е локалниот економски развој, „а ние гарантираме дека ќе обезбедиме нови инвеститори, кои ќе донесат нови работни места за битолчани, но и за регионот“. Според него, најголемиот проблем на Битола и битолчани во моментов се невработеноста, сиромаштијата и отсуството на локален економски развој

 

Иако и денес има конзули во Битола тоа повеќе се однесува на времето од пред 120 години. Дали стигна и помина времето повеќе да се мисли на иднината на градот отколку за приказните, па и митовите од минатото?

Можеби од еден аспект имате право, но конзуларните претставништва сепак се дел од културната традиција и живеењето на овој град. За жал континуитетот е прекинат особено во последниве четири години откако во Битола СДСМ дојде на власт, кога се затворија некои од конзулатите, а Битола не доби ниту еден нов конзул. Јас гарантирам како градоначалник, но и новата локална самоуправа која што ние ќе ја предводиме, ќе оствариме директна и непосредна соработка со конзуларните претставништва, со кои имавме и средба пред официјалниот старт на изборната кампања. Ќе ги вложиме сите капацитети овие контакти да прераснат во вистинска реална соработка која ќе донесе првенствено економски, културни и размена на искуства во образованието. Соработката, лобирањето за нови инвестиции, користењето на добрите практики и нивните контакти ќе донесат резултати во обезбедувањето на одржлив локален економски развој на општина Битола. Еве, како може една флоскула, како што вие ја именувавте да помогне директно во иднината, во визијата за Битола, во обезбедувањето поквалитетен живот на секој граѓанин што живее во општина Битола. Приказните и митовите за конзулска Битола од минатото, со кои градот изобилува, не само што можат, туку знаеме и како ќе ѝ донесат подобра иднина на Битола.

 

На некој начин би можело да се каже дека Битола е „најградскиот град“ во Македонија. Во неа стотици и стотици и стотици куќи кои се архитектонски бисери. Доколку тие се обноват, барем однадвор, Битола може да биде и поинакво „огледало на Македонија“ и туристички магнет. Дали размислувате дека општината во соработка со државните власти би можела да изготви план со кој ќе им помогне на сопствениците за обнова на овие куќи?

Битола е град со многувековна урбана традиција. Во Битола со посебен закон е заштитено старото централно градско јадро. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, тогашната  централната власт во Битола ги обнови и реставрира фасадите на куќи и објекти со значајна архитектонска вредност на Широк Сокак. Обновена беше и зградата на една од најстарите, ако не и најстарата гимназија во Македонија, „Јосип Броз Тито“. Она што го ветуваме како нова локална самоуправа е реставрирањето на дуќаните во Старата битолска чаршија, која исто така, претставува архитектонски бисер од посебна вредност. Како нова локална власт ветуваме дека ќе обезбедиме средства и ќе работиме на реставрирање на богатата битолска архитектура во останатиот дел од градот. Ако во тоа не ни помогне централната власт, ќе се обратиме кај меѓународни донатори. Нашата решеност да ја заштитиме старата градска архитектура ќе ги надмине и законските пречки и евентуалните опструкции од централната власт, се разбира во рамките на нашите законски можности, а водени од потрагата по нови иновативни пристапи за обезбедување средства и брза и ефикасна реализација.

 

Во програмите за изборите главно се зборува за инфраструктурни и зелени проекти. Но, треба да се мисли и на неколку чекори понапред. Каква е вашата визија за Битола во 2035 година. Како би требало да се развива градот?

Ние сме подготвени да ги поставиме вистинските урбанистички и инфраструктурни основи кои натаму ќе ни обезбедат на сите иднина и одржлив развој на општина Битола, што подразбира амбиентална одржливост (заштита на животната средина) економска одржливост, социјална и политичка одржливост.

Преку нови инвестиции и нови работни места ќе овозможиме силен одржлив локален економски развој, а тоа е појдовната основа да ја отстраниме сиромаштијата. Гарантираме создавање изедначени стандарди за живеење и задоволување на основните потреби на сите луѓе. Гарантираме дека нашите развојни проекти за Битола се усогласени со обновливата способност на природната средина. Гарантираме веднаш реализација на инфраструктурното средување на градот, задоволување на егзистенцијалните потреби на секој поединец, гарантираме проекти за заштита на воздухот, водите и почвата.

Повторувам, сега и вака поставените наши приоритети, ќе овозможат во 2035, после десет години од завршувањето на нашиот прв мандат, Битола да се пофали со силна економска кондиција, здрава животна средина, социјални услуги профилирани според индивидуалните потреби и јавни политики кои ќе се одраз на едно сериозно и силно партнерството со граѓаните и граѓанскиот сектор.

 

Многу улици во центарот на Битола се наменети само за автомобилите. На некои места нема ни тротоари. Урбанистички секако може да има план како да се реши овој проблем. Размислувате ли во таа насока?

Нов генерален урбанистички план со кој што натаму ќе треба да се усогласуваат ДУП– овите е основа која што ќе овозможи современ лик на градот согласно потребите на модерното живеење. Сето ова, заедно со сообраќајната студија ќе придонесе за средување на сообраќајниот хаос во градот, особено во централното градско подрачје. Гарантираме обезбедување систем на еднонасочни сообраќајници, примарни велосипедски патеки  по големите сообраќајници во градот, а централното градско подрачје максимално, колку што дозволуваат можностите, ќе го ослободиме од сообраќајниот метеж и моторни возила. На тој начин ќе обезбедиме безбедно движење на пешаците и велосипедистите. Како нова локална самоуправа гарантираме и решавање на јавниот превоз, решенија за нови паркинг простори како една од мерките за олеснување на сообраќајот и воспоставување одржлива мобилност во градот.

 

Од што живее сега Битола? И од што би требала да живее и да се развива во иднина за да може да стане повеќе од одржлива?

Битола, може да се каже, за жал, дека во моментов не живее, туку живурка. Единствената шанса на Битола е локалниот економски развој, а ние гарантираме дека ќе обезбедиме нови инвеститори, кои ќе донесат нови работни места за битолчани, но и за регионот. Гарантираме туризам кој што директно ќе партиципира во општинскиот буџет и ќе влијае врз намалување на бројот на невработеноста, користејќи ги сите расположливи можности на Битола како значаен и богат културно-историски простор,  можностите за туризам на Пелистер и Баба Планина, како и развој на руралниот туризам. Гарантираме и ресурсна, па и буџетска поддршка на малостопанствениците и  поддршка на старите занаети во Старата битолска чаршија.

 

Коритото и кејот на Драгор генерално е направен уште од турско време. Може ли овој простор да се направи во своевидно шеталиште за битолчани со паметно решавање на сообраќајот?

И кејот на реката Драгор влегува во концептот на инфраструктурно средување на градот. Тоа е опфатено со решенија во сообраќајната студија која постои, а се разбира ќе консултираме повторно експерти и стручни лица како оптимално да се облагороди и овој простор и да претставува вистинска гордост на градот и на битолчани. Ние гарантираме дека ќе го реализираме најдоброто, најисплатливото и најефективното решение за реката Драгор и за тоа директно ќе партиципираат граѓаните, тие да изберат и одлучат што им е потребно, а ние ќе овозможиме услови за реализација. 

 

Кој е најголемиот проблем сега во Битола и како мислите да го решите?

Невработеноста, сиромаштијата и отсуството на локален економски развој се во моментов најголемиот проблем на Битола и битолчани. Гарантираме дека преку создавање услови во ИЗ „Жабени“ ќе донесеме странски и домашни инвеститори кои ќе вработат млади луѓе, кои својата иднина и иднината на своите деца ќе ја гледаат овде во Битола!

Гарантираме дека ќе ги подобриме условите за одржливо домување, преку реализација на гасификација и топлификација на градот, со изградбата на пречистителната станица, проект вреден околу 30 милиони евра, директно ја решаваме здравата животна средина и создаваме услови за поквалитетен живот на битолчани. Досегашната локална самоуправа предводена од СДСМ, иако овој проект го наследи готов, заради незнаење и неработење не успеа цели четири години да го финализира или барем да започне со изградба на пречистителната станица. Битола, за жал, во моментов се соочува со многу крупни нерешени проблеми, а ние како нова локална самоуправа ги имаме решенијата. Нашиот прецизен концепт, со конкретни идеи и проекти и што е најважно подготвеноста многу да работиме, со професионалност и стручност, со непосредна вклученост на граѓаните се гаранцијата на нашиот успех.